„Беше 16 години помлад од мене. Тогаш имаше 30 години и преубав беше. Не се опишува,“ се сеќава Тина во еден клип од документарецот Тина. „Лудо беше. Си мислев од кај дојде човеков? Толку беше згоден. Срцето ми биеше брзо, што значи ни се сретнале душите, и рацете ми се тресеа.“
Тина има кажано дека односот со Ервин ѝ е толку добар затоа што тој „никогаш ни најмалку не бил исплашен“ од нејзината величина како холивудска икона. „Тој е самиот сила,“ пишува во нејзината книга Happiness Becomes You: A Guide to Changing Your Life for Good. „Ми покажува дека вистинската љубов не бара јас да се затемнам за тој да може да блесне.“
Наместо тоа, Тина и Ервин постојано се храбрат и се туркаат меѓу себе да бидат најдобри што можат да бидат. „Секој му е светлост на животот на другиот и сакаме заедно да сјаеме што е можно поблескаво,“ се радува Тина.
Се чувствува благословена што е мажена за него, особено после траумите со претходниот партнер. Пред романсата со Бах, Тина беше во лош брак со Ајк Тарнер, од 1962 до 1978. Кога се сеќава, Тина вели дека е благодарна што дала втора шанса кога случајно го сретнала Ервин на аеродром во Германија.
„Вљубувањето во мојот сопруг беше уште една вежба за напуштање на мојата комфорна зона, за отворање кон неочекуваните подароци што животот може да ги понуди. Таа едноставна прва средба доведе до долга, преубава врска - и до мојот единствен вистински брак.“
Немаат деца, но таа е мајка на четири - Рони Тарнер, Ајк Тарнер помладиот, Мајкл Тарнер и починатиот Крег Тарнер - кој се самоуби во 2018, а го имаше со поранешниот партнер Рејмонд Хил. Рони е од Ајк, а другите, Ајк помладиот и Мајкл ги има посвоено, затоа што се од претходна врска на Ајк Тарнер.
Иако не ѝ бил лесен животот, Тина се радува на сѐ што допрва ќе доживува со Ервин покрај неа. Тој иако е женет со една од најуспешните пејачки на сите времиња, самиот е многу успешен. Се проценува дека вреди околу 50 милиони долари. Пробал и актерство, а се појавил и на неколку други места заедно со Тина.
Се запознаваат на аеродром во Германија во 1985. Во нејзината книга, таа се сеќава како инстантно почувствувала емотивна конекција кога ја поздравил.
„Требаше да бидам преморена од летот, преокупирана со размислување за турнејата, да ми се брза да стигнам до хотелот, наместо да му обрнувам внимание на младиот музички продуцент што дојде од издавачката куќа да ме пречека,“ пишува таа. „Но, сепак го забележав.“
И покрај стравот повторно да се впушти во врска, Тина е среќна што го послушала срцето:
„Ја напуштив комфорната зона и приоритет ми стана да го запознаам Ервин,“ пишува. Станале пар во 1986, и заедно биле речиси две децении пред да се венчаат во 2013.
Во 2017, на Тина ѝ откажаа бубрезите и ѝ беше потребен донатор за да ѝ се спаси животот. Ервин ѝ го даде едниот бубрег.
„Среќна сум што можам да кажам дека благодарение на тоа што мојот сакан сопруг Ервин ми даде бубрег, и живот, добра сум и го сакам животот секој ден. Истовремено сум благодарна што не само што преживеав, туку и живеам среќно и успешно и можам да ви ја подарам оваа книга што ги има најдобрите дарби што мене ми биле дадени - најдобрите што можам да ги понудам.“
Тина и Ервин живеат во прекрасен дом во Швајцарија и според Њујорк Тајмс, портата на нивната луксузна куќа има метална плочка на која пишува:
Vor 12.00 Uhr nicht läuten, keine Lieferungen
Значи „Не ѕвонете пред 12 напладне“.
И така треба.