Што се случува со мозокот кога ќе престанете да носите шминка?

Потешко беше да се замисли денот без шминка пред да дојдат препораките за седење дома и работење од кревет. Освен ако не си тип што никогаш не се шминка, едноставно, ако одиш на работа и имаш социјален живот, имаш некаков слој на фаца, макар и минимален.

И сега веќе не, освен ако не се шминкате за Зум состаноци.

Се шминкате за Зум?

Ај прво да видиме, што се случува со мозокот кога се шминкаме секој ден?

„Кога ставаме шминка“, вели холистичкиот психотерапевт Џенифер Пепер, „на потсвеста ѝ праќаме порака дека нешто ни фали и дека тие фалинки мора да се покријат или прикријат.“ Во основа, како што објаснува Пепер, посреќни сме со изменетиот изглед и силно се идентификуваме со него затоа што влијае на чувството што го имаме во себе, за себе. Истовремено е битна и рутината за шминкање, според психологот Меган Рајс, според која, „Многу од нас, рутината нѐ држи во иста линија со целите. Ако рутината вклучува шминка, тогаш има смисла што прескокнувањето на истата може да предизвика чувство на дисбаланс. Ваквите мали нерамнотежи се собираат и можат да предизвикаат помала самодоверба.“

Но, што се случува со мозокот кога престануваме да носиме шминка?

Е па, ја кршиме рутината и според Рајс, мозокот препознава кога прескокнуваме чекори. Но, исто како што формираме рутина со шминка, се формира рутина и без: „Колку повеќе правиме нешто, толку е подобро чувството и можеме да се научиме да се изземеме од мислењето на другите.“

Истовремено, на мозокот му треба време да ја рекалибрира сликата за себе. Кога бираш да откачиш шминка или само понекогаш да ја користиш - за видео-повик на пример, почнуваш да ја разбираш сопствената врска со шминката многу подобро.

Клиничкиот психолог Даниел Шер објаснува дека основниот закон на бихејвиоралната психологија кажува дека колку почесто си изложен на нешто што ти е непријатно - станува полесно. Едно истражување од 2016 бара од испитаните жени да се гледаат во огледало две недели без шминка. Со тек на време стануваат посамоуверени и посочувствителни кон самите себе. И генералното ниво на неудобност и стрес опаѓа. Но, Шер смета дека постои уште поважен фактор од ова повторување - според нејзе, да се гледаш без шминка секој ден ти дава шанса да ја предизвикаш пораката што постојано ја добиваме на едно културолошко ниво - дека можеш да се чувствуваш добро само ако си „преставителен“.

И уште нешто:

Дали паузата од шминка ќе ви ја спаси кожата?

Наспроти сите кукања дека шминката замара - не мора да значи. Мора да значи само ако доаѓа прекуокеански, од буре во кинески подрум, ама вие не сте толку глупи. Сепак, нема штета од паузата. Плус, можете да проучите каква ви е навистина кожата и што ѝ треба. И што е најважно, ќе имате прилика да разгледате што е навистина добро на вашето лице.

5 мај 2020 - 14:51