Прво, од што се прават?
Има три начини да се стигне до производот: синтетички материјал, човечка коса и животински влакна. Повеќето трепки се синтетички и направени од флексибилен материјал сличен на пластика. Овие се поевтини од тие што се прават од човечка коса или животни, но истовремено се и најтешки од сите и изгледаат поочигледно лажно, иако тоа не е битно. Битно е сега да размислиме дали би ставиле туѓа коса толку блиску до очи.
За животинските никој не гине, туку се собираат од куни и коњи, а човечките изгледаат најприродно, но ја губат формата кога ќе дојдат во допир со вода.
Дали свилените се стварно свилени? Не. Направени се од мешавина од лесни синтетички материјали. Тие се средината меѓу обичните синтетички трепки и тие од животинско потекло.
Колку траат?
Синтетичките нема да ви траат многу долго. Дури и ако ги чистите и ги чувате внимателно, после четири или пет употреби, полека губат форма. Животинските и човечките можете да ги користите и до 20 пати.
Како да се чуваат за да траат подолго?
Вадете ги секоја вечер пред спиење и чистете ги редовно. Откако ќе ги отстраните од капаците, со отстранувач за шминка или мицеларна вода на стапче за уши поминете преку нив. И држете ги во нивната кутија поставени внимателно за да не се смачкаат. Ако ги пуштате така во ташна незаштитени, тогаш рачунајте дека при следната употреба на очи ќе ги ставите сите ствари што сте ги допреле последнава година.
Може ли маскара преку нив?
Да, ама има еден минус - го скратувате векот на трепките. Без разлика што ќе ги чистите, колку повеќе се собира производ на нив, толку пократко ќе траат.
Колку чинат?
Обичните, синтетички трепки ги има по парфимерии за 200-300 денари. Во некои салони за убавина, „свилените” се околу 50 евра. По интернет имате за по една употреба, по неколку пара во пакување, за долар и други слични, ситни суми.
Како се отстрануваат?
Полека се одлепуваат од капакот, плус не заборавајте дека и лепакот треба да го отстраните ако остане на самите трепки.
Лепак:
Најчесто се наоѓа лепак во едно минијатурно шишенце со апликатор како оние бугарски парфемчиња од времето. Некои ги нанесуваат со тенкиот дел од шнола, или со чепкалка. Најпрактично ви е со тоа „бугарското”.
Апликатори за трепки:
Ако никако не ве бива сами да си ги залепите, има апликатори и всушност личат на чупалица. Или, да не ја комплицираме многу, едноставно пробајте со чупалица и јутјуб видео.
После десетина пати, веќе ќе имате научено.