Производите за заштита од „сина светлина“ се најверојатно глупости

Збор-два за нега и заштита на кожа од зрачење на екран, и зошто не ја бива таа работа.

Во ова ектремно дигитално време, производите за заштита од блу лајт ветуваат дека ќе нѐ заштитат од „дигиталното стареење“, а сега па ептен им се погоди, со пандемија и зјапање во екрани од тие причини.

Постојат истражувања според кои зрачењето го нарушува сонот. Поврзано е и со уморни очи. Неодамна, се истражуваат и потенцијалните штетни ефекти на кожата, и хипотезата е дека преголема изложеност на сина светлина предизвикува видливи знаци на предвремено стареење. Дерматолозите се сѐ уште скептични по ова прашање, но индустријата за убавината одма протри раце - се развија производи кои имаат цел да се борат со т.н. дигитално стареење - и не се баш евтини. Еден серум од 150 долари тврди дека „ја штити кожата од видливите ефекти на загадувањето со сина светлина.“ Еден прајмер од 62 долари вели „херојската состојка на формулата, екстракт од семе од какао го минимизира стресот од сина светлина“. И ова е нова цена што ја плаќаме за нешто за кое експертите сѐ уште не се сигурни дека ни е потребно.

„Немаме баш податоци околу тоа што точно се случува со клетките кога се изложени на сина светлина. Главниот аргумент за производите за заштита е дека сината светлина стимулира создавање на слободни радикали,“ вели еден дерматолог од Институт за кожа и истражувачки центар Аблон. „Единственото нешто што ме загрижува околу сината светлина е ефектот што го има на спиењето и очите.“

Слободните радикали се нестабилни молекули на кои им фали електрон. За да се стабилизираат, слободните радикали крадат електрони од други клетки, предизвикувајќи верижна реакција и нешто што се вика оксидативен стрес. Пролонгиран оксидативен стрес води кон дисбаланс меѓу антиоксидансите, (кои се главно добри за кожа) и создавање на уште слободни радикали, (што главно се лоши за кожа). Кога ќе се случи оваа размена кај кожните клетки посебно, предизвикува видливи знаци на прерано стареење.

Со оглед на потенцијалот на сината светлина да создава оксидативен стрес во кожните клетки, може да ви дојде како изненадување информацијата дека се користи често (и е скроз корисна) во дерматологијата и третманите со фототерапија.

Повеќето дерматолози не се нешто насекирани за дигиталните екрани и нивниот наводен проблематичен ефект на кожата. „Не гледам зошто би морале да ја штитие кожата од сина светлина,“ вели еден од нив. „Тоа е нешто со кое што секојдневно се соочувате. Мислам дека е маркетинг. Брендовите се обидуваат да продадат и ова е нешто ново на кое можат да се залепат.“

Ако забележувате негативна промена на кожата за време на пандемијава, веројатно е стрес. „Кога луѓето се справуваат со хроничен стрес (како што е тоа случајот сега) налетуваат на секакви кожни проблеми,“ вели Глинис Аблон од Аблон институтот. Ова главно се манифестира како акни, егзема или црвенила. „Стресот ослободува воспалувања. Ги зголемува нивоата на кортизол и води до преработување на адреналните жлезди.

Стресот предизвикува и оштетување на колагенот, со што се намалува еластичноста на кожата. Може дури и да го намали природното создавање на хијалуронска киселина, со што кожата изгледа дехидрирано, па малите брчки доаѓаат до израз.

Што нѐ доведува до заклучокот, дека добрата кожа доаѓа со учењето да се справиш со стресот, а не со добро рекламирани производи што штитат од нешто што најверојатно не постои.

15 мај 2020 - 16:00