Пробавте ли „Бриџертон“ на Нетфликс?

Малце е глупо.

„Бриџертон“ е новата серија што предизвикува глобални длабоки воздишки и нова опсесија на публиката, слично како што беше „Емили во Париз“, со тоа што ние овде во Off Café сѐ уште тврдиме дека Емили не е глупо.

„Бриџертон“ од друга страна, е еден спој на сѐ што донесоа последниве неколку години, плус Џејн Остин, плус риџенси ера, плус пластични (и неточни) костими, плус неубави луѓе, плус Аријана Гранде.

Во време кога за жената е најважно да се омажи добро, (бонус е да може да бира кандидат), да биде пристојна и одобрена од општеството, а мажите како и обично можат да прават што сакаат - главниот женски лик наидува на проблем - иако одобрена од кралицата, стројници нема, а да биде бељата поголема - се шетаат анонимни памфлетчиња од една викторијанска варијанта на Gossip Girl.

Најмал проблем се историските неточности, од аспект, да речеме, на ликови од африканско потекло како аристократија. Тоа дури и е меѓу пошармантните детали - симпатична безобзирност кон историски податоци чисто затоа што се работи за измислена приказна и затоа што, во денешно време, кога светот се бори за диверзитет - им се може. Можеби - МОЖЕБИ, некој само треба да праша во продукција, кога веќе се фалат со разноликост на ликовите - кај им се Арапите, Азијатите и сѐ друго што не е црно, бело и мешано од тие две?

Ако од спомнувањето на Аријана Гранде помисливте дека ќе се појави - тешко, бидејќи е впечатлива и природно ѕвезда, а на „Бриџертон“ нешто не им е тоа филмот. Влегува само во уште еден занимлив детаљ, адекватен за концептот на серијата - гудачки оркестри свират денешни песни, во аранжман што доликува на ерата.

Во основа, не дека е ужас невиден - може дури и заразно да биде и сѐ повеќе луѓе се заразуваат, особено што никој реално не очекува ни длабочина, ни Џејн Остин, без разлика на споредбите.

Сепак, колку и да е шарено, тие неколку симпатични моменти не се доволни да биде привлечна серија.

Од друга страна па -  видете, ако веќе скролате по истите четири филма на Нетфликс - може ќе ви заврши работа.

22 јануари 2021 - 14:10