Инаку, го барале токму кралот на шпанската кинематографија да го режира „Планината Броукбек“, но се расипала работата, па влетал Анг Ли. Проблемот бил што Педро сакал неговата верзија да има цела од-почеток-до-крај геј сцена.
„Односот меѓу овие двајца е животински,“ коментираше Алмодовар за пропадната соработка. „Беше физички однос.“
Холивуд нели, не одобрил. Но, Алмодовар не си ја заборавил визијата и решил да си направи свој квир-вестерн кој веќе почна да се снима.
Создаден е во соработка со Ентони Вакарело од Сан Лоран кој е и продуцент и главен костимограф на филмот и ова ќе му биде втор филм на англиски на Алмодовар. Ќе играат Итан Хок, Педро Паскал и Ману Риос.
Во моментов се собрани во Алмерија во Шпанија, во филмскиот град направен за „Добриот, лошиот и грдиот“, но Педро инсистира дека нема да краде.
„Не знам каков ќе биде,“ изјави за ИндиВајр, „само знам дека ќе си биде мој.“
Приказната оди вака:
„После 25 години, Силва (Педро Паскал) јава коњ низ пустината за да го посети неговиот пријател, Шерифот Џејк (Итан Хок). Прославуваат за средбата, но наредното утро Џејк му кажува дека причината за посетата не е за само да евоцираат спомени за пријателството.“
Е сега, не се знае дали ќе биде сеќавање на нивните помлади денови (па затоа е ангажиран Ману Риос), или ќе обновуваат некоја стара љубов. Самиот наслов на филмот е дигнат од старо фадо за изгубена љубов од Амалија Родригез.
Уште не се знае датумот за премиерата, но знаеме дека Алмодовар често се претставува во Кан и Венеција, па може и да биде сѐ готово до 2023.