Нема веќе купачи на Мис Америка

Пред следното издание, купачите одат во пензија, а во изборот ќе влезат и поинакви жени од оние на кои јавноста е навикната.

Без „делот со купачите” и со поголема инклузивност за жени „од сите големини” продолжува панаѓурот за убавина наречен Мис Америка. Гречен Карлсон, претседателката на бордот на директори на Мис Америка изјави дека веќе нема да се бира само врз основа на физички изглед.

На официјалниот Твитер на Мис Америка беше објавено кратко видео од бикини кое го снемува во чад и хаштаг: #byebyebikini.

Наместо дефилирање во купачи, секоја натпреварувачка ќе учествува во интерактивна сесија во живо со судиите, каде што „ќе се истакнат нејзините достигнувања и цели во животот и како ќе ги искористи нејзините таленти, пасија и амбиции за да ги извршува своите должности како Мис Америка.”

И ова не е единствената промена

Ќе се менува и делот со вечерните тоалети. Сега девојките ќе можат да носат „што сакаат.”

Ќе дискутираат и како можат да ги унапредат нивните општествено важни иницијативи за време на овој дел од натпреварот. Натпреварувањето со таленти останува.

Според Карлсон #MeToo ги предизвикува овие промени.

„Во моментов сме сред културна револуција во нашата земја, со тоа што жените собраа храброст да се спротистават и да викнат погласно за многу работи,” вели таа во изјавата. „Од Мис Америка сме горди што еволуиравме како организација и се вклучуваме во ова моќно движење.”

Некои промени во форматот на натпреварот беа очекувани, со оглед на тоа што во моментов организацијата за прв пат ја водат исклучиво жени.

Една од нив, поранешна директорка на Intelligent Transportation Society of America, била мис Арканзас во 1983-та, друга, адвокатка од Флорида била Мис Америка во 1991-ва, а самата Гречен Карлсон, поранешна водителка на Фокс Њуз, била Мис Америка во 1989-та.

6 јуни 2018 - 12:14