Никако, ама никако не ни треба уште еден филм од таа франшиза, нема да го издржиме кринџот. Но, од она што досега се знае е дека Кроненберг бил на кафе со критичарот Џордан Руими, и вториов на неговиот сајт споделил дека дискутирале колку би било забавно Кристен Стујарт и Роберт Патинсон повторно да се спојат на филм.
„Роберт ме запозна со Кристен,“ му рекол Кроненберг на Руими. „Прекрасно се имаат развиено како актери. Постојано прават артхаус филмови и го носат тоа. И со Кристен одлично сум поминал, и со Роб одлично сум поминал. Мене, да, ми паѓа на памет филм, или идеја и би било супер да работат заедно.“
И кога ќе размисли човек, би било интересно тој филмски пар да добие сериозно сценарио и добра продукција, за разлика од Твајлајт. После развојот што го доживеаа (Стјуарт беше номинирана за Оскар, Патинсон е веќе Бетмен), филм каде што глумат еден спроти друг не би требало да значи дека пак ќе се држиме за глава.