Метју Пери има мемоари и страшно е

Метју Пери ги споделува најдлабоките и најмрачни моменти за неговото откажување од зависности, во надеж дека ќе им помогне на други што страдаат.

53-годишниот актер во мемоарите со наслов „Пријатели, љубовници и големото ужасно нешто“ пишува дека бил во кома и на апарати со 2% шанса да преживее во 2018. Пет месеци подоцна го пуштиле дома со ќеса за колостомија што ја носел девет месеци. И дури ни после сето тоа не успеал да се излечи од зависностите.

Му давале Оксиконтин откао го излажал докторот дека има болки поради една од 14-те операции на стомакот што ги имал како резултат на пукање на дебелото црево (од претерување со опијати). Ни тоа не му било доволно, па се обидувал да најде опијати и преку дилер и секогаш го фаќале. На крај, го пратиле на рехабилитација, овој пат во Њујорк Сити.

За ќесата за колостомија плачел секое сабајле, а останал и без два предни заба што ги скршил додека јадел и не ги поправил. Тоа биле помали проблеми во споредба со откажувањето од апчиња и цигари.

Почнал со лек за откажување - Субутекс - кој помага во симптомите што настануваат при откажување од дрога. Не било ни толку лошо, сè до четвртиот ден, за кој Пери, кој ова го правел околу 65-ти пат во животот, вели дека е најтежок.

„Полудував, ова отсекогаш беше најтешкиот ден. Секој советник во институцијата беше како чувар, а јас изгледав како затвореник без двата заба.“

И на тој четврти ден, откако се обидел да се прошета за да направи нешто со себе, или како што кажува „да излезам од сопственото тело“, бидејќи се чувствувал како некој да го тепа однатре, испаничил, сите лоши одлуки во животот му натежнале и:

„Никогаш нема да можам да објаснам што се случи следно, но одеднаш, почнав да си ја удирам главата во ѕид колку што е можно посилно.“

Осум пати се удрил, а крв имало насекаде. Кога го спречиле и го прашале „Зошто?“ рекол:

„Затоа што не можев да смислам нешто попаметно.“

Тој обид да остане трезен бил еден од многуте третмани пред и после тоа, на кои Пери вкупно има дадено 9 милиони долари. На крај, во 2019 стигнал до Швајцарија, за да му стават „некаква чудна медицинска направа во грбот“ за болка. Земал апче на своја рака вечерта пред операција, па во комбинација со анестезијата наредниот ден, тоа предизвикало срцето да престане да му работи пет минути.

Тогаш втор пат се доближил до смрт.

На задно седиште во автомобил додека го возеле кон институција за терапија од траума во Флорида, почнал да ја пишува книгата во апликација на телефон.

Кога ја завршил, не ја прочитал до моментот кога требало да ја снима аудио-книгата, и тогаш се утепал од плачење.“

Сега е трезен 18 месеци.

Friends, Lovers, and the Big Terrible Thing: A Memoir е овде.

3 ноември 2022 - 00:03