Ќе се изначекаме за 5-та сезона од „Круната“

Традиционално, новата непарна сезона почнува со нов период во животот на кралското семејство, па ангажирани се повозрасни глумци и возбудата лежи во исчекувањето како ќе ги надоградат ликовите после претходните феноменални изведби.

Излегоа фотографии од глумците на снимање, па конечно можеме да видиме како барем некои од нив ќе изгледаат во костим. Нетфликс пушти и видео-обраќање од Имелда Стонтон, по терк на официјалните ТВ-обраќања на кралицата Елизабета, каде што со трема најавува дека ќе се обиде да го оправда трудот на колешките од претходните сезони.

На фановите може ќе им се чини дека попогодена принцеза Ен од претходната не ќе се роди, ама еден од уникатните таленти на серијата е да ти докаже дека грешиш во проценката, без притоа новиот глумец да ја засени изведбата на стариот. Ова тешко ни се верува после принцот Чарлс од трета и четврта сезона, ама останува да видиме.

Можеби најголеми се исчекувањата за она што ќе го направат Елизабет Дебицки како Дајана и Џонатан Прајс како принц Филип - Дајана затоа што е Дајана, а Филип затоа што после Игра на тронови, Сопругата и слични брилијантни моменти, свесни сме што може Прајс да направи.

Ќе го има и „страшното“ интервју на Дајана од Бибиси, Чарлс и врската со Камила Паркер Боулс, ама ќе се изначекаме.

Уште овој ноември не е дојден, а најавуваат дека петта сезона ќе ја добиеме во ноември 2022.

 

29 септември 2021 - 12:55