Дронови наместо манекенки кај Долче и Габана

Нонстоп нè плашат дека човечката работна сила ќе ја заменат роботи, само што кој би рекол дека на некој ќе му текне и манекенки да заменува?

Со една генијална финта, Долче и Габана влезе во историја во неделата кога наместо манекенки, нивните прескапи ташни ги носеа квадкоптери.

Лебдејќи по писта, самите дронови позираа за сликање и после се враќаа назад во гардеробите, како секоја чесна манекенка. Во обид да изгледаат најдобро што може, дизајнерите ги имаа украсено со лажни скапоцени камења. Затоа што не можеш нели, да нашминкаш дрон. Сè уште.

Двајца асистенти облечени како хирурзи се шетаа по сцена во случај нешто да тргне наопаку. И според тоа што излезе на интернет, очигледно сè поминало како што треба.

Ова е секако вонсериски потег на Долче и Габана, само дали сите познавачи би се согласиле дека пијани дронови што носат дизајнерски ташни се вклопуваат во нивниот имиџ? Не баш. Од друга страна, модата често значи и привлекување внимание, па не е дека дискусијата се решава со едно да или не.

Во секој случај, според Fashionista не ни вредело. Од присутните било побарано да исклучат мобилен интернет, ви-фи и хотспоти пред да почне спектаклот. Односно, Долче и Габана си дозволиле да заборават колку ни е важно да бидеме конектирани, особено штом успеале и да доцнат 45 минути.

За тие што не се воодушевени, без гајле, откако ја покажаа колекцијата есен/зима, 2018/19, на сцена се вратија луѓе за да заработат за живот.

27 февруари 2018 - 14:28