Стапила во контакт со некој матен тип, што ѝ рекол „Ти уплати ми илјадници долари, јас ќе ти пратам неозначени епрувети,“ вели таа. Така и било - уплатила, стигнале и им ги инјектирала на мачките секој ден, со месеци.
Првата значајна работа, со оглед на природата на трансакцијата е дека функционирало. Едното маче живеело уште една цела година, а другото скроз се опоравило. За второво е баш чудо, затоа што болеста, мачешки инфективен перитонитис, според ветеринари е неизлечива и 100 проценти фатална. Сега Кинц има група на Фејсбук со 22.000 членови, на кои им помага да стигнат до лекот за нивните мачки, и илјадници мачки се опоравиле оттогаш.
Втората значајна работа е дека GS-441524 е речиси идентичен со друг, во моментов многу спомнуван лек за луѓе: ремдесивир, антивирален лек кој во моментов ни е надеж за лекување на КОВИД-19, болеста што ја предизвикува коронавирусот. Иако раните истражувања покажуваат дека во најдобар случај, лекот го скратува времето на опоравување, Администрацијата за храна и лекови го одобри за итна употреба, а Гилеад Сајансес, компанијата што произведува ремдесивир, донираше 1,5 милиони дози од лекот периодов.
И мачешката болест се предизвикува од еден тип на коронавирус - не истиот што предизвикува КОВИД-19, туку таков што може да инфицира мачки. Од исклучителна важност е и луѓето да разберат дека во многу ретки случаи, ние можеме на мачките да им пренесеме коронавирус, ама мачките на нас не можат. Ни корона, ни ФИП (болеста наведена погоре).
Кај повеќето мачки, овој тип на корона ќе предизвика блага дијареа или нема да покаже симптоми. Но, во мал број на случаи, вирусот ги инфицира белите крвни клетки и имунитетот се избезумува и оди кон ФИП. И со години, ветеринарите немале многу избор, освен да понудат еутаназија.
Потоа доаѓа GS-441524. Има некои тестирања објавени во 2018 и 2019, каде што се налага дека на мачките не само што им се продолжува животот со денови или недели, туку и се излечени. И промената е навистина голема, затоа што ветеринарите од „Мачката ќе ти умре“, сега можат да кажат нешто многу, многу подобро.
Приказната за лекот кој прв пат го тестираат против Ебола (безуспешно), чиј сроден лек е гејм-чејнџер во ветерина (само нелегално) и е воскреснат во сред пандемија на сосема нов вирус, ги истакнува џиновските чекори во развојот на лекови. Ремдесивир е сега на клинички испитувања, но GS-441524 сѐ уште не е тестиран на луѓе за проверка на безбедност и ефикасност против КОВИД-19. Формулациите достапни на црниот пазар се исто неверојатно скапи. 12-неделен режим за мачки може да чини над 10.000 долари, во зависност од брендот, типот на ФИП и тежината на мачката. Плус, не постои легален начин да купиш GS-441524 како лек - ни за мачки, ни за луѓе.
Од друга страна, во вакви услови, можеш да известиш дека постои ваква работа, без луѓето да почнат безумно да ја складираат како сумамед и сами да се боцкаат. Со лек за мачки. Кој може да помогне при истражувања за лек за корона, ама во лабораторија. Не дома во купатило.
И GS-441524 и ремдесивир функционираат со блокирање на вирална репликација. Она што ја прави разликата е што ремдесивир има екстра фосфатна група - мала промена што помага да влезе во клетката и да биде искористен во таа репликација.
Користењето на кинески лекови прво било контроверзно во ФИП-заедницата. Еден лик што од старт го поддржувал лекот, Питер Коен добивал и хејт мејл и изгубил многу следачи поради тоа. Ја води ЗенБајКет, непрофитна организација што собира пари поддршка на групи што истражуваат ФИП, СОК ФИП и Фондот на Бриа. Основачката на вторава организација, Сузан Гингрич, во моментов е фокусирана на притисок врз Гилеад.
Кога Кинц се обидувала да ги спаси нејзините мачиња, прашала за GS-441524 во една од групите каде што не смеело и се разбира постот се изгубил, но - две жени ѝ пишале во приватна порака за тоа. Почнале нова група, за размена на совети и фидбек за различни брендови. Групата има 22.000 членови, 25 администратори и 26 модератори и работи нонстоп, прераснувајќи во меѓународна организација.
Сведоштва доаѓаат од секаде. Групата овозможува да се стигне до лекот, но прашањето што се поставува е многу легитимно - нека е скап лекот, што мислите - некој ќе сака да уплати 10-12.000 долари на некој таму сумњив лик, или ќе сака да плати на ветеринар?
Во јануари, популарен бренд на GS-441524 почнал да ги убива мачките што го примиле. Во групата почнале да забележуваат дека се работи за некаква шема, почнале да собираат податоци и да предупредуваат против тој бренд. Позадината е сомнителна: човекот што го продавал онлајн исчезнал, наводно се развел од жена му, жена, која била мозокот зад операцијата, пробал сам да го прави и не успеал. Тогаш, се појавува нов бренд на GS-441524, наводно од жената - и ништо од ова не може да се провери вака, од другата страна на светот. Како што вели Кинц, „Тоа е див запад.“
Недамнешниот зголемен интерес за ремдесивир може да ја смени оваа динамика. Ако добие дозвола од Администрацијата за храна и лекови и тоа не само за итни случаи на КОВИД-19, и ако стане доволно распространет за да се продава во аптеки, можно е да можат и ветеринарите да го користат.
Надеж? Којзнае. Ама ако оставиш на мачкари, проблемот (можеби и решението) брзо стига до мејнстрим медиуми. Што значи на крај, можеби мачкарите ќе нѐ спасат.