Би правеле ли пластична операција за да напредувате во кариерата?

Прво што ни паѓа на памет е дека некој сака да биде поубав, за да стигне до повисока позиција. Или тоа, или дека работи на место што бара да покаже како изгледа. Првото ич не е, делумно е второто, а најмногу е: Не е толку дека операцијата ќе помогне во кариерата, туку самодовербата после операцијата ќе помогне во сè, па и во кариерата.

Годишниот извештај од Американската академија за пластична и реконструктивна хирургија на лице открива дека 57% од луѓето се одлучуваат за пластична операција заради подобри изгледи во кариерата. Една од нив, 26-годишна маркетинг координаторка, Рајли Селдон објаснува како операцијата на носот ѝ помогнала и со самодовербата - и со кариерата.

„Додека растев во Торонто, пластичната хирургија или било што друго што го менуваше природниот изглед беше супер тајно и табу - ништо не знаев за тоа; на крај дознав од телевизија. Отсекогаш мразев фотографии од мене, но не знаев дека нешто може да се направи за тоа. Дури минатата година, додека работев како уредник во E! News, почнав да размислувам за операција на носот.

Деновиве, сите што се во медиуми стануваат лице на нивниот „личен бренд”. Секакви уредници имаше околу мене што објавуваа селфиња или излегуваа пред камера, а јас едноставно не можев. Ништо не сакав да снимам во живо затоа што се грижев како ќе ми изгледа профилот. Ова секако ме закочи во кариерата што можев да ја имам.

Никогаш не ѝ спомнав ништо на шефицата за мојот изглед, но бевме блиски и знаеше дека носот ми пречи. Кога и да добиев слики од мене, што би оделе заедно со моите текстови, бев пребирлива и ги враќав назад на ретуширање.

Моите колешки кои уредуваа рубрики за убавина, наоѓаа секакви процедури по кои што одеа славните личности на кои им се восхитував. Одеднаш беше јасно дека сите кои мислев дека се сосема природни - не се.

Почнав да си го анализирам однесувањето во минатото, и да сфаќам дека на секоја слика сум со раката преку лице, или божем пијам нешто за да го сокријам носот, или се кријам позади некого. Неверојатно е колку многу ми влијаело во животот.

Затоа почнав да штедам и да истражувам пластични хирурзи и закажав кај еден, за ринопластика.

После тоа, добив многу повеќе самодоверба за изгледот. На работа почнаа да се случуваат ствари, станав поинволвирана во фото-сесиите, почнав да правам похрабри избори во кариерата.

Една вечер, бев на некој роденден и еден од моите ментори беше таму. Ме запозна со еден менаџер кој бараше маркетинг координатор. И поради мојата новостекната самодоверба, немав никаков проблем да се фатам за таа можност и ја добив работата!

Сепак, да одиш на пластична операција е лична одлука. Ако го правите тоа, прво разјаснете со себе. Не прашувајте по луѓе. Ќе ви речат дека ништо не ви е или дека не ви треба - што е вистина - никому не му треба. Но, лично, мене ми помогна да станам подобар адвокат на самата себе. Не само за да напредувам во кариерата, туку дури и во најневажни ситуации, како на пример на социјални мрежи. Мојот личен бренд е многу подобар од претходно, затоа што не се срамам да си го покажам лицето. Сè додека сте мирни со вашата одлука, само тоа е важно."

24 април 2018 - 15:24