Такер Карлсон и Андреј Мелниченко

Tекст обработен од интервјуто на Андреј Мелниченко, од 58 минута (by Јордан)

Во просек планетата Земјата од Сонцето прима зрачење што е еквивалент на 340 вати на квадратен метар. Ова зрачење ја создава амбиенталната топлината на два начина: од директната изложеност на површината на сончевите зраци, а потоа и од топлинските бранови кои се рефлектираат од атмосферата. За да се согледа значењето на атмосферата која се состои од стакленички гасови (првенствено пареа, потоа ЦО2, метан и други), доволно е да каже дека доколку истата не постои (кога топлинските бранови не би се рефлектирале од атмосферата назад кон површината) температурата на планетата Земја би била пониска за 35 целзиусови степени (и животот на планетата Земја не би бил можен).

Да претпоставиме дека наша примарна цел е да се намали просечната глобална температура во атмосферата за 1-2 степени. Како може да се постигне ова?

1. Прв начин е да се зголеми рефлексијата на сончевите зраци, односно да се намали нивната апсорпција на земјината површина. Процесите кои помагаат за зголемување на рефлексијата на сончевите зраци стручно се нарекува „ефект на албедо“.

2. Втор начин е да се намали обемот на топлинските бранови кои од атмосферата се рефлектираат назад кон површината на земјата, на начин што ќе се намали концентрацијата на стакленички гасови во атмосферата. На тој начин овие топлински бранови ќе се ослободат и нема да се задржат. Сега околу ¼ од топлината се пропушта низ атмосферата, додека ¾ се враќаат назад кон површината.

Значи единствените два начини кои ќе придонесат за намалување на глобалните температури се преку: 1/ повеќе сончева енергија од површината на земјата да се пренасочи и врати во спротивен правец; и 2/ да се намали топлинската енергија која од атмосферата се рефлектира назад кон површината на земјата.

Годишно ниво на ЦО2 кое се ослободува во атмосферата – од природата и од антропогени (човечки) активности

Обемот на стакленички гасови кои се емитираат во атмосферата на годишно ниво изнесува еквивалент на околу 820 гига тони на ЦО2, од кои 54 гига тони ЦО2 се резултат на човечки (антропогени) активности. Значи човештвото продуцира околу 6% од вкупното ниво на стакленички гасови. Се поставува логичко прашање зошто сите досегашни меѓународни дебати, мерки и активности за намалување на стакленичките гасови се фокусирани исклучиво на овие 6% ЦО2. Зошто не се преземаат повеќе мерки за зголемување на „албедо ефектот“ за пренасочување на сончевата енергија или мерки со кои ќе се намалат 94% ЦО2 кои се создаваат на природен начин? Од логичка перспектива тешко е да се објасни зошто нема повеќе дискусии за овие начини на справување со глобалното затоплување.

Но дали е можно да се дизајнираат и спроведат мерки и активности за зголемување на „албедо ефектот“ и за намалување на стакленичките гасови кои се создаваат на природен начин. За намалување на природните стакленички гасови доволно е да се садат нови шуми и други зелени површини (ливади и други растенија), што со модерните технологии е ефтина мерка која забрзано може да се спроведува (со напредна машинска оператива за засадување, како и создавање отпорен и издржлив семенски и расаден материјал). Доколку вакви мерки се спроведуваат оптимално потенцијалот за намалување на ЦО2 е околу 18-20 гига тони годишно, со што за околу половина би се намалил ЦО2 кој е резултат на човечки активности. Засадување на шуми се врши во повеќе земји во светот но во недоволно голем обем. Најактивна е Кина која во изминатите 20 години има засадено шуми кои апсорбираат околу 250 милиони тони ЦО2 годишно.

Значајно е да се спроведуваат и мерки за зачувување на пермафростот (~25% од површината на северната хемисфера) во кој се складирани големи количини на ЦО2. Преку ограничување на топење на пермафростот во лето, се намалува изложеноста на земјиштето под него на атмосферски влијанија и се спречува дополнително ослободување на ЦО2 во атмосферата.

За намалување на глобалното затоплување преку искористувањето на потенцијалот што го дава ефектот на албедо се говори и прави многу малку (што повторно од логичка перспектива тешко е да се објасни). Но можностите се големи за што говори и следниот пример: учеството на една гасна термоелектрана е околу 2,5 милиони тони ЦО2 годишно, може да се апсорбира преку засадување на околу 10-15 илјади хектари на култури кои имаат капацитет да рефлектираат светлина (оттаму ругањето на шарените на проектот „Ден на дрвото“ не може никако логички да се објасни). Исто така, садењето на други култури како што е памукот се особено ефективни во рефлектирање на сончевата светлина. Ова се само некои од начините да се промени албедото на површината на земјата и да се зголеми рефлектирањето на светлина.

Кога започнуваат меѓународните активности за справување со глобалното затоплување

Неофицијално координираното медиумско запознавање на светската јавност на темата за глобално затоплување започнува со говорот на Маргарет Тачер во Обединетите Нации во 1989 година. Ова се случува во време кога светот веќе престанува да говори за ризикот од нуклеарна војна заради крајот на студената војна. Тачер во својот говор вели дека кога проблемот од нуклеарна војна е елиминиран, имаме можност да се фокусираме на друг значаен проблем поврзан со климатските промени. Три години потоа во Рио де Жанерио потпишана е Конвенцијата за животна средина и развој со која започнува воспоставување на формален механизам за справување со климатските промени. Иако има повеќе различни пристапи за справување со оваа проблематика како што кажавме на почетокот, сепак стратегијата која е избрана и на која е ставен најголем фокус е поврзана со намалување на искористувањето на фосилни горива во индустриските процеси (да посетиме од антропогени/човечки активности во кои се опфатени и индустриските, земјоделските, и активностите поврзани со домувањето отпаѓа 6% од годишната емисија на ЦО2 на планетата Земја). Логички се поставува прашањето зошто е избрана оваа стратегија, зошто намалувањето на користењето на фосилни горива е во фокус, наместо барањето и примена на други решенија? Зарем не е подобро паралелно да се туркаат повеќе стратегии за намалување на глобалното затоплување и на тој начин да се зголемат шансите за успех.

Сопствените интереси и доминацијата влијаат врз изборот на сегашната стратегија за справување со климатските промени

  • Креирањето на агендите на меѓународните институции (ОН и други) во почетокот на деведесеттите пред се беше водено од западните земји (како победници од студената војна). Оттука изборот на стратегија за справување со климатските промени беше согласно нивните сопствени планови за долгорочен развој. А во тие планови клучно значење имаа енергетската безбедност односно обезбедувањето на енергетска независност и задржување на технолошкиот примат во светот преку креирање технологии за искористување енергија од обновливи извори. Иако САД имаат огромни извори на фосилна енергија, многу попрактично/поевтино е кога во замена за долари истата таа енергија може да се купи од некоја далечна земја. Освен номиналниот износ на така набавената нафта, широката употреба на доларот со цел задржување на статусот на светска валута овозможува и скоро неограничено финансирање на буџетските дефицити во САД преку враќање на истите тие долари назад и нивно инвестирање во американски државни обврзници. Тоа што во моментов годишните трошоци за камати за хартиите од вредност во американскиот федерален буџет се колку буџетот за војската кој изнесува околу 910 милијарди долари за вкупен долг од 35+ трилиони долари, како воопшто да не е тема за анализи на бројните американски нобеловци. Или доколку има такви анализи, некои влијателни економски експерти имаат доволно моќ да ги убедат креаторите на политики во САД да ги игнорираат сите предупредувања кои се поврзани со високото ниво на долг.
  • Но да се вратиме на темата за глобално затоплување и каков е тој механизам кој ќе обезбеди предност за развиениот свет. Дали навистина механизмот кој се предлага е најоптимален, ако целта е да се намалат растечките температури, или можеби има и други цели во позадина, за кои не сме транспарентно запознаени.

Во борбата против климатските промени избран е пристап каде фокусот е ставен целосно на намалување на употребата на фосилни горива (и нивното користење во индустриските процеси). Зошто? Има два одговори на ова прашање кои се прилично јасни и едноставни за разбирање.

Првиот одговор е бидејќи развиениот свет во моментов е енергетски зависен од увоз на фосилни горива од други земји, и сака на долг рок да создаде услови за зголемување на сопствената енергетската независност. Значи ако ја зголеми употребата на енергија од обновливи извори на енергија, ќе се зголеми и енергетската независност. Вториот одговор е поврзан со развојот на технологии – како да се биде пионер и лидер во развојот на – технологиите за искористување на обновливите извори на енергија или технологиите за нови индустриски процеси кои нема да користат фосилни горива. Во тој случај освен директниот бенефит од употребата на овие технологии, развиените земји ќе има бенефит и од лиценцирањето и франшизата за изнајмување и продавање на овие технологии во други земји од светот (know how). Значи креаторите на оваа стратегија се надеваат на нови работни места во домашните економии и приходи од продажбата на индустриски права. Но од аспект на комуницирање со светската јавност, промовирањето на ваквиот пристап за намалување на глобалното затоплување, најчесто се објаснува со благородни мотиви и возвишени цели од која бенефит ќе има целата планета. Или како што А. Мелниченко кажува кон крајот на интервјуто: „Climate was a nice slogan to resolve other issues, like energy security and to find new engine for economic growth“.

Но и покрај вака замислените цели во почетокот на деведесеттите, она што го гледаме во пракса две-три децении подоцна е нешто друго. Климатските политики влијаеа кон намалување на животниот стандард, бидејќи енергијата значително поскапи, како во САД и така и во Европа. Зголемените цени на енергенсите влијаеа да се намали конкурентноста на некои западни индустриски сектори, поради што дел од нив почнаа да ги селат своите фабрики во подалечните земји каде работната сила е поевтина, а условите за водење бизнис се подобри и полесни. Тоа влијаеше значително да се намали бројот на добро платени работни места во индустриските сектори на Запад, при што според некои податоци над 70.000 индустриски погони и фабрики само од САД се префрлени во други земји (со што се забрза и финализира процесот кој започна на северо-истокот на САД во втората половина од дваесеттиот век т.н. Steel Belt да се претвори во Rust Belt). Тоа пак помогна земјите во кои што се преместија овие фабрики да станат технолошки лидери, вклучително и во новите технологии поврзани со обновливи извори на енергија, како што се соларните панели, ветерници, електрични возила и др. Во моментов актуелна е приказната за кинеските електрични автомобили кои заради поволната цена и квалитет за многу кратко време освоија 8% од пазарот на електрични автомобили во Европа. Ваквиот епилог со кој се намали конкурентноста на западните економии ги стави тамошните политичари пред дилема што понатаму и какви активности да преземат. Една од мерките кон кои се пристапи беше масовно субвенционирање на домашните сектори особено во технологии поврзани со обновливи извори на енергија. Освен што оваа мерка е скапа и достапна само за богатите земји, истата има негативно инфлаторно влијание врз цените на светските пазари. Втора мерка која се повеќе се применува е воведувањето на бариери за земји чии стоки не се произведени со обновливи извори на енергија (т.н. CBAM-carbon border adjustment mechanism). За производите од овие земји се наплатува посебна такса, што пак е спротивно на принципите за слободна трговија. Трета мерка која почна неодамна да се воведува се – старите добри царини, кои во случајот со електричните возила од Кина достигнаа и 100% (толку од бајките дека почист воздух е приоритет над се).

Значи да резимираме – од благородни желби за спас на климата на планетата Земја на почетокот од деведесеттите во минатиот век, до слабеење на економиите во првите две децении од 21 век, за да сега на крај се трошат огромни средства за субвенции и се воведуваат трговски бариери. А притоа температурите во атмосферата продолжуваат да растат. И ќе продолжат да растат, бидејќи како што кажавме на почетокот мерките на оваа стратегија се насочени за намалување на само 6% од ЦО2 кој секоја година се испушта во атмосферата. Оттука се поставува прашањето која е целта на оваа стратегија, дали навистина е целта да се спаси климата или под плаштот за спас на планетата се турка некоја друга, сопствена агенда, да се турка некој нов „бизнис“?

Дополнителен проблем е што со трошењето на овие огромни ресурси за декарбонизација се кратат парите за остварување на останатите цели на Обединетите Нации за одржлив развој во светот (вкупно се 17 цели, при што намалувањето на загадувањето не е меѓу првите туку е 13 цел по ред), како што е борбата против екстремната сиромаштија, обезбедувањето пристап до електрична енергија и вода, намалување на загадувањето на природата и др. Значи за сметка на трошоците поврзани со декарбонизација, запоставена е реализацијата на останатите цели кои ќе овозможат одржлив развој на човештвото на глобално ниво. Дали тие што ја туркаат оваа агенда воопшто се грижат да има рамномерен глобален развој или повторно приоритет ќе се даде на бизнисот?

 

4 јули 2024 - 13:18