Во оригинал:
Почнете без мене
Слободно почнете без мене
јас ќе бидам тука некаде
иако нема да бидам присутен
имам бескрајна доверба во вас
правете се дека сум насекаде
и едноставно започнете
поделете ги поканите
оптегнете ги плакатите
викнете ги новинарите
од сите станици и редакции
и обезбедете им го ветеното
пиење до покакување
причекајте да се стемни
и вклучете ги рефлекторите
пуштете тивка музика
и дувнете (во микрофонот)
проверете го актерот дали
ја прочитал лектирата
и пофалете го задолжително
обезбедете гратис книги
и потпишувајте си ги меѓусебно
повикајте и неколку живи поети
можеби и доктор поп и полицаец
во 7 и 30 кренете ја завесата
и ширум отворете ја вратата
проверете го воведувачот на зборот
дали знае да чита – дајте му шише
и непрестано повторувајте му го
зборот (да не го заборави)
не започнувајте точно навреме
причекајте да се наполни салата
и затворете ја вратата
фрлете им солзавец
и започнете со претставата
Кревет
Во него првиот плач и последната воздишка
првото стенкање и последната ерекција
меѓу мајчината постелица и семејната гробница
тој е наша главна меѓустаница
проверува дали сме ги измиле забите пред да го гушнеме
дали ни се чисти нозете или пак ќе го задушиме
(а ние во карирани униформи за сонување легнуваме легнуваме легнуваме)
знае на која страна спиеме како дупиме
кога ’рчиме ни ја знае тежината подобро од вага
облините подобро од нашата драга
качени на него патуваме околу светот
јавајќи го на јавето му го ебеме векот
меѓу првата мочка и последната гуска
меѓу првата лига и последната семка
се простира господинот кревет
долг цел еден живот.
Телефонски именик
Уште еден анахронизам
складиран во визбата веднаш над
учебникот по марксизам.
Некогашната комуникациска библија,
подебела и од стариот завет,
заврши неславно, со крстот на чело.
Показалецот го лиже јазикот,
па ги врти страниците побрзо од Google,
па пребарува со остриот нокт како со
стрелата на глушецот.
Во времето кога 988 (поради капацитетот
на централата) беше невозможно да се добие,
само тој ги памтеше бројките на девојките.
Го уништи мобилната телефонија
исто како што парната локомотива
ја уништи поштенската кочија.
Го има само уште во телефонските говорници
во американските филмови,
каде што типчиња со слаба меморија, за еден
единствен број кинат страница од цела населба.
Веќе никој не го чита и затоа не се печати.
Всушност, тој веќе одамна ја има доживеано
судбината на мојата поезија.
* повеќе