Во петок (3.03.2015) ќе имаат свирка во МКЦ.
Од Пасворд продукција информираат:
На првата концертна промоција на тетовскиот состав Skyrise, која ќе се случи во МКЦ во петок (03.04) ќе гостуваат 3 бендови, меѓу кои и гостите од Србија - Док 7. Картите ќе чинат 150 денари, а ќе можат да се купат на самата билетара на МКЦ.
Покрај до сега најавените The Government и Yana Narayana, на самостојната промоција на првенчето "To Unknown" на Skyrise, издадено минатата година за Password Production, ќе го видиме и панк рок составот од Ниш - Док 7.
Токму тие во 21 часот ќе ја отворат ноќта во Младинскиот културен центар во Скопје. Веднаш потоа следува Yana Narayana, по што сцената ќе ја преземат битолчаните The Government. Самиот крај секако е резервиран за Skyrise, чиј настап со сигурност ќе го заслужи вашето внимание и ќе ви остави силен впечаток.
Имајќи предвид дека и членовите на The Government, како и тие на Skyrise имаат свирено во неколку успешни состави од нашата некомерцијална музичка сцена (Three minutes in the rain, Conquering Lion...), очекувајте спремно шоу на кое ќе биде сервирана сосема свежа музичка понуда.
Во меѓувреме, Skyrise го поставија својот деби албум за преслушување и бесплатно преземање на страната Bandcamp, па слободно послужете се со одличниот производ. Современиот звук, чиј квалитет е реткост во регионот, покрај на талентот на младите момци од Тетово, се должи и на одличната продукциска реализација на луѓето од студијата Supernova и MarryPhat.
Специјалните гости Док 7 во Скопје престојуваат и како дел од промотивната турнеја на 49-то издание на фестивалот Гитаријада, која традиционално се одржува во градот Заечар во Србија, оваа година од 29.07 до 01.08. Нишките панкери во 2011-та беа прогласени за најдобар демо бенд на 45-та Гитаријада според гласовите на публиката.