Јавач на комета
Славко Јаневски со сето свое огромно дело жестоко се спротивставува на заводливите лажни претстави за нас самите. Јаневски така се претставува како книжевен еретичар и историчар на ужасот, на безумието и на бесчестието. И тоа во вистинско време, кога да се биде против општото убедување и националните илузии значи екскомуникација или јавна осуда на прогонство во сопствениот свет на имагинацијата.
Јаневски го заврши своето летање над Македонија јавнат на кометата на метафорите и замина во темнината, а неговото дело остана да биде толкувано, разбрано и вреднувано од некои поумни поколенија во некое подобро време.
Славко Јаневски ја приклучи македонската книжевност кон најсовремените текови на светската книжевност и создаде дело со невидена убавина на јазик кој малкумина го говорат, но тоа не беше препознаено. Додека не се појави некоја нова комета со нови и неизговорени метафори која некој друг ќе ја јавне и ќе пројури над нашите глави, Славко Јаневски, тој небесен летач со огнена аура, останува нашиот најсветол лик на самрачното небо на нашата национална култура.
Емил Алексиев