„Миланова игра“ во чест на маестро Завков

На 27 март во Македонската филхармонија ќе се одржи концерт-омаж за еден од највлијателните македонски композитори, Милан Завков. Вечер во која неговите безвремени ора и песни ќе прозвучат во нов музички израз, изведени од камерен оркестар, специјално оформен за оваа пригода.

Милан Завков беше врвен инструменталист, композитор, аранжер, првенец и долгогодишен раководител на оркестарот на „Танец“, кој со своето дело остави длабок белег во развојот, негувањето и афирмацијата на македонската народна музика и фолклор. Преку Миланова игра публиката ќе има можност повторно да го доживее неговото музичко и творечко мајсторство, овојпат преку нови оркестарски интерпретации прилагодени за камерна изведба.

Програмата ќе опфати избрани вокални и инструментални композиции од опусот на Завков, кои ќе бидат преработени од двајца врвни аранжери – Дамир Имери и Дарко Илиевски. 

Специјални гости: Виолета Томовска, Наум Петрески, Сузана Спасовска, Дино Имери, Зуица Лазова, Катарина Броња и Ленче и Горан Кукиќ.

“Милан целиот свој живот го посвети негувањето и афирмацијата на македонската народна музика и фолклор. Тој веруваше дека народната музика е жива материја која треба да се негува, но и да се шири и развива. Еден ваков концерт беше негова голема желба - преку неговата музика повторно да направи спој помеѓу македонскиот народен мелос и современиот уметнички израз. Се радуваме што  заедно со неговите драги колеги и публиката ќе можеме да ја оствариме“ – велат од семејството Завкови.

Картите за концертот се достапни - ОВДЕ

10 март 2026 - 09:56