„Социјалистичкиот“ градоначалник на Њујорк Зохран Мамдани ги откажа своите планови за зголемување на даноците на имот за 9,5% со кои требаше да ја пополни дупката од 5,4 милијарди долари во градскиот буџет, но ја продолжи битката против милијардерите.
Мамдани објави дека успеал да го избалансира новиот градски буџет од 124,7 милијарди долари без да ги зголеми давачките за имот, бидејќи обезбедил 4 милијарди државно финансирање.
Дел од тие пари – околу 500 милиони долари - треба да дојдат од контроверзната мерка за оданочување на милијардерите кои во Њујорк поседуваат „втори домови“ во вредност од над 5 милиони долари.
Мамдани ја промовираше оваа мерка со видео снимено пред пентхаусот од 238 милиони долари на Кен Грифин, основачот на Цитадел. Милијардерот Стивен Рот ја оцени оваа кампања на Мамдани како „неодговорен и опасен говор што поттикнува омраза кон најбогатите“.
Србија и НАТО вчера ја почнаа својата прва заедничка воена вежба, 27 години откако Алијансата ги бомбардираше Србија и Црна Гора.
Тактичката вежба е дел од програмата Партнерство за мир, во која Србија е речиси 20 години. Србија редовно учествува на маневри со членки на НАТО, но ова е првата вежба директно со Алијансата.
На вежбите на воениот полигон Боровац кај Бујановац учествуваат околу 600 војници од Србија, Италија, Романија и Турција. Набљудувачи се офицери од Франција, Германија, Италија, Црна Гора, Романија, Србија, Турција, Британија и САД.
Тие до 23 мај ќе вежбаат симулирана борба во урбана средина, заштита на бази и одбранбени тактики, контрола на толпа и екипирање на контролни пунктови. „Сценариото е фиктивно и нема никаква врска со реални места или настани. Нема да вклучува употреба на боева муниција“, објави НАТО.
„Цел на соработката е зачувување на мирот и стабилноста во регионот“, соопшти Министерството за одбрана на Србија.