- Американски сенатор и луѓе од обезбедувањето случајно му ја скршиле раката на поранешен маринец кој протестирал во Сенатот поради војната на Доналд Трамп во Иран.
- „Никој не сака да се бори за Израел!“, викал ветеранот Брајан Мекгинис, додека сенаторите гласаа за иницијативата да му го одземат правото на претседателот Трамп да наредува напади врз Иран без одобрување од Конгресот.
- Републиканскиот сенатор Тим Шини скокнал за да им помогне на полицајците додека се бореле со него за да го отстранат од салата.
- „Овој господин дојде за да си ја побара бељата и си ја доби. Се надевам дека ќе ја добие потребната нега“, изјави сенаторот Шини, кој и самиот има воено искуство како член на елитната единица „морнарички фоки“.
- Освен скршена рака, Мекгинис заработи и три обвиненија за напад врз полициски офицери, за давање отпор при приведување и за нелегално демонстрирање.
- Првиот човек на „Рајанер“, Мајкл О’Лири, го обвини Брисел дека го поткопува европското воздухопловство преку нееднакви давачки за јаглеродни емисии. Повисоко ги оданочува летовите во рамките на ЕУ, а ги ослободува американските и кинеските авиопревозници, иако тие испуштаат повеќе штетни гасови.
- Според Евроконтрол, летовите на долги релации претставуваат само 6% од вкупниот број во Европа, но создаваат 53% од емисиите на јаглерод. Сепак, спаѓаат под поевтината категорија на ОН за компензација, а не во внатрешниот систем на на ЕУ.
- Европската комисија предложи од 2029 година да ги прошири мерките врз одредени летови што поаѓаат од Европа, но тоа нема да важи за подолгите рути и летовите што пристигнуваат од САД и Кина.
- „Урсула фон дер Лајен се плаши да направи нешто освен да зборува. Таа е бескорисна. Европа има патоказ за поголема конкурентност – тоа е Извештајот на Драги. Две години подоцна, ниту една од неговите препораки не е спроведена, а Урсула фон дер Лајен се крие во зградата 'Берлемон' и не прави ништо, освен што држи говори“, изјави О'Лири за Еуроњуз.
- Фирми за кибернетска безбедност регистрирале милиони напади врз веб-страници откако беа објавени критични пукнатини во програмскиот јазик PHP на кој се потпира интернетот.
- „Десет часа пред објавувањето на ранливоста, забележавме илјадници обиди за злоупотребување на мрежата. Таа бројка се зголеми на десетици илјади во 45-те минути по објавувањето, на стотици илјади во рок од 2 часа, а сега достигна милиони“, изјави Метју Принс, директорот на Cloudflare.
- Додека се надградува заштитата на серверите, во прекин се многу владини, даночни, банкарски, авионски и железнички услуги од Финска до Јапонија.
- „Тоа беше долг ден и долга ноќ, за сите што работат во информатичкиот и безбедносниот сектор. Вакво нешто не сум видел многу, многу долго време“, изјави Сатја Надела, извршниот директор на Микрософт.