- Урсула фон дер Лајен ја покани Канада да биде првата „придружна членка“ на Европската Унија.
- Во обраќањето пред европските пратеници, на кое присуствуваше и канадскиот премиер Марк Карни, претседателката на Европската комисија, најави наградување на трговскиот договор CETA со Отава во нова и сеопфатна „Алијанса за иднината“ за заеднички просперитет и економска безбедност.
- „Ќе го претвориме Арктикот во водечки заеднички проект. Ќе работиме на енергетиката, критичните минерали и батериите, како и на вештачката интелигенција, квантните технологии, сајбер-безбедноста и економската безбедност“, изјави Фон дер Лајен.
- Трговскиот договор CETA, усвоен пред девет години, сè уште треба да биде ратификуван од десет земји-членки на ЕУ, кои стравуваат од трговска конкуренција.
- Премиерот Карни утре ќе се обрати пред Европскиот парламент. Канада и ЕУ ќе одржат самит кон крајот на октомври во Монтреал.
- Хашкиот трибунал му изрече единствена казна од 25 години затвор на поранешниот лидер на ОВК, Хашим Тачи, поради воени злосторства на Косово, во периодот од април 1998 до јуни 1999 година.
- Во казната ќе му бидат пресметани и шесте години што ги помина во притвор во Хаг.
- Тачи е прогласен за виновен за 4 од десетте точки од обвинението за воени злосторства: за произволно лишување од слобода, за мачење, за сурово постапување и за убиства на 96 луѓе.
- „Како главен командант и клучен политички лидер, тој имал ефективна контрола врз ОВК и учествувал во широко распространетиот и систематски напад врз цивилното население и неистомислениците“, објави судот.
- Независно од оваа пресуда, против Тачи во Хаг почнува уште еден судски процес под обвинение за влијание и застрашување на сведоци во притворот, за што обвинителството бара уште 6 години затвор.
- Со 25 години затвор e казнет и портпаролот на ОВК, Јакуп Красниќи. Кадри Весели доби 18 години, а шефот на оперативниот директорат Реџеп Селими 13 години затвор. Сите се прогласени за виновни за истите точки од обвинението.
- Администрацијата на Трамп привршува план за продажба на 40.000 бомби МК-84 на Израел, секоја од по 900 килограми.
- Експлозијата на бомбата МК-84 – една од најмоќните во арсеналите - исфрла метални фрагменти стотици метри во сите правци и може да пробие метал и дебел бетон. Израел фрлил стотици МК-84 врз Газа и Либан, дури и врз зони означени како „безбедни“ за цивилите.
- Пакетот во вкупна вредност од 2,8 милијарди долари вклучува и продажба на 20.000 боеви глави I-2000, наменети за пробивање утврдувања.
- Иако трансакцијата се опишува како продажба, за бомбите всушност плаќаат САД преку механизмот за Странско воено финансирање.
- Администрацијата на Трамп врши притисок врз лидерите на надлежните комисии на Конгресот да ја одобрат продажбата. Комисиите досега поддржувале вакви продажба, но во јули повеќе од 100 демократски конгресмени гласаа за прекин на секаква американска помош за Израел. И сè поголем број конзервативни коментатори, вклучувајќи ги Мегин Кели, Такер Карлсон и Кендис Овенс, се против помошта од 3,8 милијарди долари што САД му ја испраќаат на Израел секоја година.