Текстот во рубриката Стигнавме на дното е преземен без интервенции од порталот Народен глас.
Бојан Јовановски, сопственикот на 1ТВ, упати покана кон новинарот Зоран Божиновски за дуел на телевизијата во 21 часот во недела.
Во изминатиот период Божиновски објавуваше информации за телевизијата и Јовановски на што Јовановски преку својот Фејсбук профил му понуди дуел, што Божиновски го прифати, исто така на Фејсбук.
Еве што пишува во поканата на Јовановски до Божиновски, објавена на порталот на 1ТВ:
„Новинарството не е петпарачки муабети лиферувани на социјални мрежи…фактите се доказот. Рекетот, тортурата, изнудувањето се негови зборови, не наши. После шест месеци лаги, клевети, измислици за 1ТВ, сцената на истата таа телевизија која ја нарекува со најпогрдни зборови е отворена за соочување и „за неговите 5 минути”.
Тастатурата за Фејсбук пишувања овој пат, Зоран Божиновски ќе мора да ја замени со кажаниот збор во живо. За врските со бизнисмените, за шпекулантските информации од тајни служби, за сите епитети кои ги дели како на пазар…
Бојан Јовановски, сопственикот на 1ТВ, поканата кон Божиновски ја упатува како лице кое целиот свој живот го поминал на телевизискиот екран, со сите свои успешни или помалку успешни проекти, но кои секогаш биле во фокусот на интересирањето.
Во 21 часот во недела, во 1ТВ рефлекторите ќе бидат вклучени, како и камерите. Соочување на Бојан Јовановски со Зоран Божиновски, за фактите да излезат на виделина“, пишува во најавата на 1ТВ.