Сахарски хеви-метал

За среќа, последната сахарска прашина која деновиве ја имавме над глава не се струполи врз нас со дожд оти полесно ќе беше ако цела Железара ни падне на глава. Во последниот таков дожд, балкански лаборатории имаа откриено фрапантни количини свашта. Литиум, арсен, железо, бакар, бариум, алуминиум, бор и... кажете драгичка - осиромашен ураниум. Од каде па ураниум во дожд од Сахара? Прашајте ги Французите. 

Апдејт за Лепи

Не џабе викаат, кога врне - истура. Пред некој ден налетавме на Лепи како проблематичен мурал/фото тапет во сараевски апартман. Тоа неизбежно нè натера да се потсетиме на неговиот првенец на Оффнет од пред седум години. И додека уште ја певуцкаме “Иза облака“ (која има стапка на заразност поголема од ковид), меѓу два рефрена, ни стигнува биографски апдејт. Ќе видите, прекарот сè посмешно му стои.

Судир на цивилизациии

Една стара јавна рчка меѓу Слаѓана Милошевиќ (RIP) и Саша Поповиќ, оној кој почна како хармоникаш кој беше јаван од Лепа Брена за подоцна да стане медиумски могул и прв човек на злосторничкото здружение Ѕвезде Гранда. Слаѓана никогаш немаше проблем да каже некому в лице што мисли за него а Поповиќ тоа го протолкува онолку колку што му се сече - дека ѝ е криво.