Водно треба да е бушаво, а не со патец

Јани Макрадули бил во Сараево, Шапуриќ бил зафатен, па за Водно и планираниот гасовод зборуваат луѓе од иницијативата „Го сакам Водно“. Пошто овде нивото на дискусија е рамно на она од 1948-ма „Кој тоа е против Тито?“, одма да расчистиме: „Никој не е против гасовод“.

Пар поенти од емисијата:

Трасата преку Водно на која се инсистира е долга колку две Партизански (од Тифани до Ѓорче).

Откако трасата ќе се избричи за цевки, таа никогаш нема да може да се ревитализира. Таму мора да постои заштитена траса на која не е дозволено садење дрвја, заради градежни стандардни: опасност од корењата, потреба од пристапност за возила за интервенција и сл. Така што, оние пароли дека за секое исечено дрво ќе се засадат 10 нови, може да се реализираат на Криволак; не и на Водно бидејќи на Водно ќе нема каде. 

Сè што досега е направено во парк шумата Водно, по површина НЕ Е НИ ПРИБЛИЖНО на она што е предвидено за гасоводот.

  • Патот за Сончев град - 50.000 квадратни метри
  • Жичарата - 20.000 квадратни метри
  • Градилиштето за кулата на АЕК 2.000 м2,  крстот 300 м2)
    ---------------------
  • Трасата за гасоводот - 250.000 квадратни метри!

(во пооптимистичката варијанта 150.000 метри што повторно е повеќе од дупло од она што досега е интервенирано таму).

Оние станбени градби (кај Панорама), колку и да се погрешни и урбанистички неисправни, се дел од деталниот урбанистички план на општина Центар и НЕ СЕ дел од заштитената парк шума Водно. Гасоводот минува низ срцето на парк шумата а пред Шишево влегува и во строго забранетата зона (Матка).

Гасоводот е транзитен и тоа за места (Тетово, Гостивар и Кичево) на кои не е ни почнато да се гради секундарна мрежа (без која гасоводот не би бил функционален). Ако се суди по скопскиот пример (од кога градот има гас а од кога секундарна гасоводна мрежа), ќе се чека 20 години Тетово, Гостивар и Кичево да добијат секундарна гасоводна мрежа (а потоа и граѓаните да се убедат да ги гасифицираат своите домови), а Водно веднаш и трајно ќе биде унаказено.

Постои алтернативна траса која би минувала низ земјоделско земјиште кое само времено и делумно би било експроприрано а обештетувањето би можело да се покрие со парите кои и онака ќе се даваат за надоместок за сечата на дрвјата (Шилегов на тоа име добил или ќе добие 700.000 евра)

Сите досегашни дискусии и дебати започнувале и завршувале со ставот на властите: Мора низ Водно!

Ѕирнете ја видео компилацијата на 17:47, ќе се наежите како глумат озбилни луѓе.

Водно памети. Водно враќа.

Го сакам Водно“ на ФБ

 

 

31 август 2018 - 11:45