Така било пишано. Бев сведок кога ги вадеа на клоци и шутки пратениците на СДСМ од пленарната сала и успеав да стигнам пред вратата во оној спектакуларен момент кога Бранко Црвенковски во настап на лична храброст прв рипна преку металните огради, а десет специјалци го држеа не знаејќи дали смеат да удрат на човек кој бил претседател на државата, додека се обидува да продре на сила во Собранието.
Бев случајно внатре и кога бодигарди од ДУИ го тепаа колегата Дулови, а обезбедувањето на Скупштината молчеше и се правеше недоветно.
Исто и кога Мендух Тачи со уште двајца двометраши од ДПА фатија за врат министер од ДУИ во ходникот и го шамараа како мало дете.
Се нацртав таму и на 27 арил за да го видам ин виво она што сите го гледаа на телевизија, пропаста на една држава во мешавина од комплетна незаконитост, ругање со уставот и најодвратно насилство.
Така било пишано, се најдов во таа стара масонска зграда и синоќа, за да видам со свои очи како патот кон НАТО и ЕУ го отвораат луѓе извадени од притвор за да гласаат! Бившата министерка, неимарка на бесмислата немаше капка крв во образите, а оној што љуби да отвора врати кога не треба изгледаше како исфрлен од сликите на Хиеронимус Бош, со израз на ужас и очај на лицето додека изговараше За, како да стои пред вратите на Страшниот суд.
Така било пишано, видов и ќе си ги носам тие сцени со мене засекогаш, за ако некој некогаш случајно ме праша каде сум бил кога една држава се заебавала со својата суштина, да му одговорам дека во живо, таа бурлеска всушност е чиста трагедија.