Почина Аријан Дема

Замина и Љани, еден од најдобрите гитаристи на овие простори. Ден за ден, Пу, Лева Патика... Идол на многу луѓе кои растеа во 70-тите за кои Љани беше Карлос Сантана на македонската инструментална сцена.

Екстремно искрен пријател, музичка легенда, пример за ЧОВЕК и уште куп работи кои едноставно не може да се пренесат низ ограничениов простор на виртуелниот свет. Едноставно, мора да си имал среќа да бидеш во негово присуство за да ја почувствуваш неговата големина. ПРИСУСТВО. Ќе ни недостига најмногу... нај нај најмногу. Светот од денес звучи потажно без Љани.

Леана Таќи

Нека се знае и дека Аријан Дема прв го донесе концептот на хамбургер во Скопје и ги правеше најволшебните сосови за помфрит кои овој град некогаш ги пробал.

Фала за сè, маестро.

Ариан Дема...Љани. Роден 1957 во Дебар, уште како дете се сели во Скопје.Многу рано, некаде во почетокот навтората половина на шеесетите, дел е од групата Лајонс во која се и Огне Стаматов и Борче Стоевски, трагично починатиот подоцнежен гитарист на скопската група Триангл.Следниот чекор е маалската група во која покрај него се Гранит Таки,браќата Рамиз и Бурим Јусуфи под заедничкото име - Пу.
Уште на стартот покажувајки го својот вонсеријски талент, Љани е токму тој кој групата ја води во тогаш актуелните и само за музички надарените..симфо рок води.
Пу се една од најголемите македонски групи на мигот ( почеток на седумдесетите), во време на заодот на последните големи формации со генерацијата од шеесетите како Република 903) и предводници на една нова генерација. По разлезот на Пу со која Љани не остава снимен материјал освен песната Неправда, го продолжува она што го сака. Ден за ден е неговата следна група со која е од 1979 претставувајки ја македонската радио телевизија на деновите на југословенската музика во Опатија 1980.Снимаат еден албум но меѓусебните несогласувања водат до разлез.
Со учеството на Суботичкиот младински фестивал и Бум фестивалот 1978 во Нови Сад, како уште еден печат во кусата но плодна кариера. Следи повик од Крагуевац од групата Смак но не ја прифаќа заради неповолниот финансиски договор. Набргу Љани е во уште една голема македонска рок формација, низ која ќе минат Аљо Исмаиловски, Гарабет Тавитијан,Кокан Димушевски, Кире Костов, Петар Каргов, Зоран Јовановиќ - Лима, Баже Моротов, Љупчо Трајковски - Фис.. Во групата Излез со забележан настап на скопскиот плоштад (еден од првите концерти на отворено, по оној во Езерце од крајот на шеесетите), снимки за МРТ, настап на опатијскиот фестивал, соработка со Јаков Дренковски, и повторно во нови авантури: во 1983 прави своја прва самостојна снимка под име АРИАН И ПРИЈАТЕЛИТЕ со Бошко Доневски - Чико,Аљо Исмаиловски,Кокан Димушевски и Петар Каргов. Песната е под наслов За тебе а посветена на неговата голема љубов во тоа време, тогаш популарната југословенска пеачка Мони Ковачич. Конечно сознавајки дека кај нас музиката е прилично несигурна професија, меѓу првите го започнува бизнисот со фаст фуд отворајки ја популарната сендвичара Камел (кај Соборната црква). Две години подоцна прави нов обид за самостојна кариера снимајки ја песнта За тебе 2 со Кокан Димушевски во повеќекратна улога.Се повеќе му се посветува на сендвич бизнисот но само до 1988 кога му подлегнува на повикот на познатиот "кројач" на бендови за европски тезги Ѓоко Караѓозовски - Љунга кој ги собира под името Фајрбол Рамиз Јусуфи - Цики,Гранит Таки, Гоце Спасовски и Трајче Каров кои две и пол години крстарат низ европските монденски летни и зимски собиралишта низ Австрија, Италија, Шпанија и Франција. По разлезот и на оваа група Љани се решава за самостојна дејсност лоцирајки ги своите настапи по помали клупски простори во Шпанија и Белгија, свирејки ја музиката која ја сака.Одбегнувајки го воениот виор во поранешна Југославија, ретко доаѓа во Македонија, во посета на семејството и средби со пријателите.
И тука и таму понекоја соработка со наредната генерација по својата.За сопствен кеиф...
Се среќавав со него неколку пати за време неговите куси престои во Скопје.Започнуваше како куса средба која се претвораше во повеќе часовна.На една од последните такви, седејки во Тренд кафето гледајки ги луѓето кои поминуваа, со доза на сета ми кажа:"Жал ми е што многу малку останало забележано од она што сум го работел, но такви биле времињата.Многу ми е жал што никој никаде не спомнал дека првиот поп фест во Македонија го организираше групата ПУ, тоа никаде не стои и не е фер.Фестивал кој беше организиран во оноа време (1976) на европско ниво, со ТОР (со Аки Рахимовски), ОКО со Мељо (Омер Машиќ) и Медо (Баљиќ).. перфектни групи, занатлии, БРЕГ (со Мике Петковски, Влатко Стефановски, Гарабет Тавитијан), МОСТ (со Мики Јовановски - Џафер), групи кои пропаднаа и не оставиа бог знае каков материјал зад себе заради тогашната политика на Радио Скопје кон рок музиката.Гледам дека некои нешта се измениле на подобро, има места за свирење, студија за снимање, но единственото на полошо се изменила публиката.Кој знае, можеби е тоа само период? Би сакал кога ќе дојдам следниот пат, да биде поинаку, подобро".
Му реков дека и јас верувам во тоа, но и дека белки нема да чекаме толку долго до наредната средба...
И ете....си замина и тој останувајки должник како и многумина други од генерацијата која раснеше пред Ванила, Грација, на корзото, во Турист, Таверна, Мусандра, Огниште, и која својата плоча ја сонуваше силно затворајки ги очите за да се исполни сонот. Попусто...за многумина. Некои од нив допрва сега го исполнуваат младешкиот сон.За среќа, сеуште околу нив има некои кои веруваа во тој сон.
На таквите Ариан Дема им остана должник.
И веројатно самиот себе.
Каков го запознав пред многу години, со истиот темперамент, грлен глас кој тешко се надвикуваше, со истата љубов кон гитарата, со техника која во многу елементи сеуште не е надмината кај нас, го видов и при последната средба.
Таков и ќе го паметам.Еден од ретките во естрадниот свет кој ме викаше како и најблиските- Драш.
Како таков и го чувствував.

Го напишав ова, не затоа што требав, туку затоа што чувствував дека треба.Не заради оние кои знаат. Туку заради оние кои треба да знаат.
За една вистинска скопска манга.

Почивај во мир пријателу.

Драган Б. Костиќ

 

25 јуни 2016 - 14:45