Перински да ги прибере спамерите од министерството

Добиваме ние секакви спам меилови, ама главно од странски преваранти со бизнис/маркетинг понуди за наивни. Не очекуваме да ни се полни сандачето од некоја служба на министерство на кое нит си ѝ побарал да ти праќа меилови, ниту предвиделе културен начин да се извадиш од таа меилинг листа (слушнале тие за опцијата „unsubscrube“?) а богами мува не ги лази ни кога ќе им пишеш. А им имаме пишано два пати. Ова е третпат.

На втори октомври 2024-та година, на адресата од која ни праќаат (mls.informacii.mk@gmail.com), Министерството за локална самоуправа од нас (trendo@trendolend.mk) има добиено ваков меил:

Здраво таму,

Ајде бидете фини па извадете ме од меилинг листата.
Нe сум го побарал тоа а нематe ни стадардна „unsubscribe“ опција.

имајте убав ден,
Трендо
уредник на off.net.mk

Продолжија, поупорни од Јеховини сведоци.  Секоја недела по неколку „дневни активности“ на Перински преточени во ничим изазвани меилови.

Еден месец подоцна, на 6 ноември, пишано им е ова:

Чита ли таму некој???

Вторпат ви пишувам да ме извадите од меилинг листа.

Тоа и првиот пат не требаше да ви го пишам бидејќи никој не ви побара мојот меил да се најде на вашата меилинг листа.

Тоа се вика спамирање.

Ама, добронамерно ви го пишав тоа на почетокот на октомври а сега гледам, вие пак упорно ми праќате меилови.

Треба директно на Перински да му пишам да ме олабавите или треба да го објавам на оффнет овој непотребно глуп случај?

поздрав,
Трендо

Сега е крај на март, 2025 година

Во меѓувреме, од министерството на Златко Перински, имаме добиено преку 70 меилови, ќе одел од посета, ќе се врател од посета.... фотографии од одењето, фотографии од враќањето. 

Последниот меил е од денес, 29-ти март, 2025 година во кој нè известуваат дека Перински утре (недела, 30.03.2025) ќе одел во Ново село (ексклузива!), со драгоцено пропратно инфо и ГПС локација дека изјави ќе се даваат кај Сточниот пазар:

Аман, заман. Перински, кажи им да не досаѓаат.

Ако во тоа министерство некој има позитивно лично искуство со спам рекламата „ENLARGE YOUR PENIS“, не значи дека треба истата стратегија да ја применува и на нас.

Ние сме задоволни и вака.

 

29 март 2025 - 16:43