Џовани да ви каже нешто

Се гледаме на пролет!

Се гледаме на пролет
во некоја исончана градина
со ослободeни цвеќиња!
Пак како некогаш, како деца во Краш.
Сонцето ќе изведува стриптиз фрлајќи
ја облеката од облаци на некое друго небо.
Хоризонтот повторно ќе апсорбира погледи.
Кон несериозноста ќе се однесуваме крајно
сериозно.
Ќе учиме попатно, ќе осознаваме случајно.
Највредни работи во животот се оние
кои немаат цена – ќе речеме на крајот.
Смртта е блескотен миг во кој нема да
успееме ни очите да си ги затвориме.
Треба да си ја тераме живеачката
и да не му ја мислиме многу.
Животот не е ни молња, ни гром,
туку временскиот период помеѓу.
Се гледаме на пролет!
Ќе облечеме хавајки
и ќе пиеме ракија
за сите пари.

Јовица Ивановски - Џовани

13 февруари 2014 - 09:53