Од
ОМО „Илинден“ - ПИРИН,Друштво на репресираните студенти во Бугарија, жртви на комунистичкиот терор,
Граѓанско друштво за заштита на основните индивидуални човекови права,
Македонски дискусионен клуб за етнички толерантност,
Правозаштитен комитет „Толерантност“,
Весник „Народна волја“ и
Билтен „Македонски глас“
За жал не може да се каже дека прифатената позиција на владата и парламентот на Р Бугарија е за изненадување - таа е резултат на 66 годишниот развој на тоталитарната национална мисла и организираниот прогон на македонското малцинство во Бугарија. Неизлечениот тоталитаризам од внатрешен проблем сега се претвори во меѓународен - Р Бугарија се обидува прифаќањето на нејзината дискриминаторска политика да го претвори во услов за членство во Европскиот Сојуз. Се обидува да ја одрече и смени националната определба на луѓето во Р Македонија, така како што непрекинато го прави веќе 66 години со Македонците во Бугарија.
Со својата политика и прифатената позиција Р Бугарија се стреми да ја потврди поговорката дека со такви пријатели како неа, на Македонија други врагови не и требаат! Таа многу брзо заборави како Македонија не така одамна ја пушти да започне преговори со ЕУ без да и поставува какви било услови!
Владата на Р Бугарија треба да престане да се преправа дека македонско малцинство не постои. Нема зошто да им се заканувате на други држави; не го поставуваат тоа прашање тие, туку ние, граѓаните на Р Бугарија со македонско самосознание. Наместо да продолжува да го игра тој театар на сенките, подостојно би било Бугарија да ги прифати препораките на сите меѓународни институции и да започне преговори со претставниците на македонското малцинство. Треба да престане дискриминацијата и асимилацијата и да почне да ја применува спрема нас Рамковната конвенција за правата на малцинствата која е потпишана од нејзина страна.
Позицијата на Р Бугарија претставува директно нарушување на фундаменталните принципи на демократијата, правата на малцинствата и меѓународниот поредок. Таа директно е насочена против:
- Принципот на слобода на национално, етничко и јазично самоопределување;
- Принципот на суверена рамноправност на државите и забрана на мешање во внатрешните работи на други држави;
- Исклучокот од горното правило, според кое човечките права на националните малцинства претставуваат составен дел од меѓународната заштита на човековите права и нивната заштита не се третира како мешање во внатрешните работи на државите.
- Слободата на мислење и изразување, академската слобода и слободата на научните истражувања;
- Правото на образование, на личен и семеен живот, и слободниот пристап до културата и културното наследство.
Позицијата е скандалозна според својата содржина, таа е апсурден обид да се сочува една тоталитарна идеологија и истата да се претвори во услов за членство во Европскиот Сојуз. Недопустиво е Р Бугарија да ја злоупотребува својата позиција на член на Европскиот Сојуз за да шири и наложува тоталитарни практики. Таа треба да престане да ги користи политичките инструменти, за да ја искривува научната вистина и да се обидува да ја пренапише историјата и да го промени идентитетот на луѓето, дури до степен да одрекува еден меѓународно признаен и изучуван по универзитетите по цел свет јазик и неговото објективно постоење да го извртува во политички проблем! Политиката треба да се базира на реалности, а не на фикции од комунистичкото минато. Крајно време е бугарските демократи да го пуштат духот на Тодор Живков конечно да се замине.
Лицемерно е и срамно да бараш од другите она што самиот не го правиш:
- Да бараш признавање и уважување на правата на малцинствата, кога ти самиот ги негираш и дискриминираш малцинствата;
- Да претендираш на рехабилитација на жртви на национална дискриминација, кога самиот ти не си ги признал и рехабилитирал стотиците свои граѓани убиени или испратени во затвори и логори, илјадниците исселувани, тепани, отпуштани од работа и малтретирани на различни начини заради своето македонско самоопределување;
- Да се жалиш на говорот на омраза, кога кај тебе тој е неофицијално прифатен како закон и дури претворен во норма на поведение;
- Да се жалиш од дискриминација, кога ти постојано дискриминираш.
Бугарија бара да ѝ измисли сламка во окото на Македонија, заборавајќи ги и дури оправдувајќи ги гредите во своето. Фактите тука се неоспорни. Бугарија е осудена 13 пати во Стразбур за дискриминација против Македонците, додека Македонија е осудена само еднаш за дискриминација на Бугари.
Ја повикуваме Бугарија како член на Европскиот Сојуз да и даде пример на Р Македонија така што прво таа самата ќе ги примени европските принципи, да започне да ги уважува правата на Македонците во Бугарија, да го сопре говорот на омраза и да даде пример на добрососедство, откажувајќи се од сите услови кои не се дел од нормалната процедура за влегување во Европа, како и од намерата да ја злоупотреби својата позиција на држава членка.
Преземено од весникот „Народна Волја“, македонски весник за теорија, историја, култура и уметност кој на македонски и бугарски јазик се издава во Благоевград.
*******