Можеа илјадници да ми кажат колку е добро нешто напишано и да не им верувам, да речам само : Фала! поради домашно воспитување и да се насмеам, ама длабоко во себе да не верувам дека е така, да си велам: За к. не го бива Дарко.. за к.!
И беше ти... на некој шанк случајно потпрен, како елен, што вика чико Димитрије, а се развртиш, правиш беља со невидливите рогови.
- Мали, она кое го пиша вчера беше многу лошо! Многу многу лошо!
- Кој к. ти е бе Игор, не те чепкам, пиј си Џејмисонот, ме заболе ти што мислиш.
И беше ти насмеан:
- Чекај бе копиљ, чекај, прашај зошто е лошо, прашај прво!
- Е зошто е, стварно зошто е лошо?!
- Пошо не е мое е, затоа! - беше ти, насмеан и пргав.
Е овие два или три стиха (и ќе ми ги кажеше, иако ни јас не си памтев.) се многу лоши пошто не се мои - ај живели да сме живи и здрави.
Знаев и јас да ти се насмеам и да те оставам да ми видиш во очите дека ми значи од тебе тоа, како да ми рекле не илјада, ами милиони, милиони, Игор! А ти ќе ме удреше по тиква нежно, или ќе ме гушнеше.
Мирисаше секогаш на некоја скапа тосканска или шпанска кожа. Еден непознат човек пред две години во Истанбул со кој во тесна уличка се разминав, ми промириса така. Заоѓаше сонцето. Застанав и ги затворив очите, помислив: Кај акаш бе, Игор? и се поднасмеав сам со себе.
И помислив на еден од најкатастрофалните стихови било кога воопшто напишани на македонски јазик, Игоре:
„... и ти ги бацувам очите како прво изгрејсонце после зандана“
Катастрофа од стих... знаеш зашо?! Пошто не е мој, ами твој, Игор, е затоа е катастрофа!
П.С. Па да земеме флаша, што сега?!
- Џовани, акни го копиљот молимте!
А бе у право е што!
- Гледаш!!
Ќе ти ја учукам ќути сега!
Догледање Игорe!
Дарко Лешоски
*********************