Вандализиран хотелот Арка

Почитувани,

Од утрово се до моментов во хотел Арка трае вандалски напад од 20тина хулигани организирани од сопственик на дивоградба која се гради во Старата Скопска Чаршија, Енвер Алии.

Полиција интервенираше неколку пати, меѓутоа од полициска станица Битпазар одбиваат да реагираат со образложение дека повеќе не се во можност да ја гарантираат нашата безбедност и телефонски ни порачуваат да си ангажираме приватно обезбедување.

Во моментов како заложници во хотелот сме сопствениците и персоналот, како и 30тина странски гости на кои неможеме да им ја објасниме целата ситуација. Ова е резултат на неколку месечен напад со цел насилно затварање на хотелот и превземање на паркинг просторот, а истото е потикнато од нашата етничка припадност, како последна македонска фамилија која оперира во Старата Скопска Чаршија и овој дел од градот. Објектите и опремата кои се уништуваат се сопственост на хотел Арка и за истите имаме соодветни одобренија и дозволи (види овде).

Хотел Арка е еден од првите хотели со 5 звезди во Скопје и годишно опслужува преку 7000 гости. На жалост во моментов насилно сме приморани да го затвориме хотелот после 14 години напорна работа. За горенаведените проблеми се известени МВР, Град Скопје, Државен градежен инспекторат и Управа за заштита на културното наследство (бидејќи паралелно се рушат објекти заштитени со Законот за Старата Скопска Чаршија), но до сега нема никаква позитивна реакција.

Ве молиме да испратите ваша екипа во хотел Арка како би го евидентирале ова кривично дело бидејќи ние повеќе немаме заштита од државата. Би бил благодарен доколку ме информирате за вашите постапки, како би ви доставиле дополнителни информации и документација.

Со почит,
Сашо Џиковски
Сопственик - Хотел Арка

24 август 2018 - 11:36