Игор Исаковски: Дека да

Културната установа „Блесок" има чест да ве покани на промоција на книгата поезија на Игор Исаковски, „Дека да", на 19 септември од 21 часот, во клубот МКЦ. На роденденот на Игор, песни од последната збирка која тој ја напиша ќе читаат неговите пријатели Јовица Ивановски, Џабир Дерала, Тихомир Јанчовски, Румена Бужаровска, Ана Мартиновска, Срѓан Јанаќиевиќ, Никола Гелевски, Владимир Мартиновски. Ќе свири Тони Китановски. Да зборуваме за Игор, да ги читаме неговите стихови и да ја слушаме музиката која ја сакаше. Vita brevis, ars longa.

„Дека да" е единаесеттата збирка поезија, а седумнаесетта објавена книга на авторот за кој верувам дека не е само предводник на мојата генерација македонски автори, туку и нејзина своевидна метафора. Неговото творештво, неговите ставови, неговиот начин на живеење и работење и неговата севкупна личност, во себе ги носат сите тегоби и парадокси на генерацијата која го преживува битништвото на бескрајната македонска транзиција. Игор во секој поглед го одликува забревтаноста на товарниот воз кој постојано ита, натоварен, а жеден за брзината која ќе го ослободи, силно, гневно и жестоко влечејќи го товарот на минатото кон некоја неизвесна иднина
Елизабета Баковска
Фотографијата на корицата е од Сашо Димоски.

Игор Исаковски (1970-2014), поет, прозаист, уредник, преведувач. Дипломирал на катедрата за Општа и компаративна книжевност во Скопје, магистрирал на Централноевропскиот универзитет во Будимпешта (Родови и културолошки студии). Основач и директор на Културна установа Блесок. (www.blesok.mk), каде што работеше како главен и одговорен уредник од нејзиното основање.

Објавени книги: Писма (роман, 1991), Црно сонце (поезија, 1992), Експлозии, трудна месечина, ерупции... (раскази, 1993), Вулкан – Земја – (поезија, 1995), – Небо (поезија, 1996, 2000), Гравири - Blues говорница (многу куси текстови, 2001), Песочен часовник (раскази, 2002), Длабоко во дупката (поезија, 2004), Пливање во прашина (роман, 2005, награда Прозни мајстори, 2005), Blues говорница II (2006, Годишна награда за најдобро графичко решение на печатена книга, 2006), Стажирајќи за светец (поезија, 2008), Ноќта е најтемна пред разденување (поезија, 2009, Награда на 4. Белградски фестивал на поезија и книга, 2010), Вулкан – Земја – Небо (поезија, 2010), Љубовна (поезија, 2011), Смртта има коса од морска трева (поезија, 2013), Дека да (поезија, 2015).

Избори и преводи на други јазици: – Sky (– Небо, поезија на англиски, 1996, 2000), Sejanje smeha (Сеење на смеата, избрана поезија на српски и македонски, 2003), I & Tom Waits (Јас и Том Вејтс, избрана поезија на македонски и англиски, 2003), Sandglass (Песочен часовник, раскази на англиски, 2003), I to je život (И тоа е живот, нова и избрана поезија на хрватски, објавена во Црна Гора, 2007), Iz bliskov in ognja (Од болскоти и оган, нова и избрана поезија на словенечки, 2011), Pjesčani sat (Песочен часовник, раскази на хрватски, 2012), Madam Hyde, Mister Hyde (нова и избрана поезија на холандски, 2012), Dlanovi puni srče / Дланки полни срча (нова и избрана поезија на српски и македонски, 2013), Светлината ве чека на рецепција / The Light Awaits You at Reception (нова и избрана поезија на англиски и македонски, 2013), Smrt ima kosu od morske trave (Смртта има коса од морска трева, избрана поезија на хрватски, 2015).

Исаковски уредил четири антологии; последната е Шест македонски поети / Six Macedonian poets, (објавена од ARC Publications, Велика Британија, 2011), како и два CD-ROM-а.

Преведуваше поезија, проза и есеи, од (и на) македонски, англиски, српско-хрватски-босански-црногорски, и од словенечки на македонски. Во негов превод на македонски, објавени се 60 книги.

Поезијата и прозата му се преведени и објавени на шеснаесет јазици во дваесетина земји. Застапен е во голем број избори и антологии во Македонија и во странство.

* Музиката на Игор

 

17 септември 2015 - 10:53