„Два света“ од Руми, во избор и превод на Тихо

Џелалудин Мохамед Руми (1207-1273). Персиски  филозоф, поет, правник, учител и суфист. Еден од најголемите поети и мислители на сите времиња. Ремек-делото на Руми, Месневија, содржи 25 000 стихови. Тој не ја пишувал книгава туку последните 15 години од животот само беседел и рецитирал, а Хусамедин Челеби ги запишувал неговите зборови. Оваа поетска збирка според многумина спаѓа во редот на најголемите авторски и духовни дела во историјата на човештвото. 

Не постои тема што му е туѓа, од најприземна до највозвишена; пишува за пријателството, убавината, зависта, фалбаџиството, скромноста, лицемерието, омразата, добрината, самобендисаноста, храброста, расипаноста, потребата од смисла, музиката, природата, пролетта, вистината, животните, растенијата, птиците, љубовта и смртта...  кај него наоѓаме стихови за Христос, Јосиф, Соломон, Гавриил, Мухамед... Верник е, но воедно и надвор од сите вери, вон секоја ритуализирана и јалова вероисповед. Храмот на неговиот Бог е во срцето, не е во зградата на џамијата, црквата или синагогата.

Кога сум со тебе

Кога сум со тебе

остануваме будни цела ноќ,

Кога не си со мене

не можам да заспијам.

И фала Му на Бога за овие несоници

и за сета разлика меѓу нив

Песните ги преведував по чувство, без напор, онака како што мислев дека треба, на јазик разбирлив за секого; и за ѕидар, и за шофер, и за студент и за академик. Еден од главните чинители при изборот на песните за „Два света“ ми беше тие да звучат добро, лесно и неусилено на нашиот јазик, сакав зборовите да течат и тоа ме ограничуваше, но се надевам дека барем делумно сум успеал во намерата. Песните си ги преведував во умот при секое читање долги години, а интензивно се зафатив со работа есента 2017.  Некако ми појде тогаш, тркалото се сврте како што треба и запчаниците фатија.

Тихомир Јанчовски

******

Мачката и месото

Си била еднаш една чурук жена
која јадела сè што мажот носел дома
и лажела за тоа.

Еднаш, донел некое јагнешко за гостин
што требало да дојде. Мажот работел двесте дена
да го купи тоа месо.

Кога излегол, жена му си зготвила кебап
и го смафтала целиот, со вино.

Мажот се враќа со гостинот.
„Мачката го изеде месото“ вели таа.
„Купи друго, ако ти останаа нешто пари!“

Тој го праќа слугата да му го донесе кантарот,
и мачката. Мачката тежи кило и пол.
„Месото беше кило и пол.
Ако ова е мачката, каде е месото?
Ако ова е месото, каде е мачката?
Почни да го бараш едното или другото!“

Ако имаш тело, каде е духот?
Ако си дух, што е телото?

Ова не е наш проблем да му ја мислиме.
Двете се двете. Житото е клас и стебло.
Божествениот касап ни сече парче од слабините,
и парче од вратот.

Невидливото, видливото, светот
не функционира без обете.

Ако фрлиш прашина врз нечија глава,
нема ништо да се случи.

Ако фрлиш вода, пак ништо.
Но помешај ги во грутка.

Таа венчавка
од вода и кал ќе ти ја отвори главата
а потоа има други венчавки.

******

Суштината на машкоста

Суштината на машкоста не произлегува
од фактот дека си маж, како што ни сушноста
на пријателското чувство не доаѓа од оние што тешат.
Твојата стара баба ти вели„ Може не треба
да одиш на школо. Нешто си ми блед.“
Бегај од таквите изјави.
Подобри се силните шамари на татко ти.
Твоето телесно битее копнее по утехи.
Строгиот татко бара духовна јасност.
Тој те кара, но на крајот
те изведува на отворено поле.
Моли се за строг учител,
да те наслушне, подучи и да остане во тебе.
Се замајувавме со собирање утехи.
Направи да се уплашиме од тоа какви сме биле!

* За настанот

8 јуни 2018 - 08:37