Букбокс читанка

Женски букбокс дует

Ја продолжуваме серијата двогласни Букбокс пеења, со две дами. Ана Голејшка и Д. А. Лори, во староновогодишен дует, посветен на што друго ако не на...љубовта. Првиот дел е на Ана, вториот на Лори, а неочекувано завршуваат исто - со оптимистичен повик.

ПОБРЗАЈ ПОЛЕКА

Те пишувам и опишувам
а немам поим дали тоа ти се допаѓа
никогаш не си ми кажал
а јас не сум те прашала,
низ сите ходници и терминали
сме сонувале со очи зажарени
па си велиш, ок е
далеку сме а близу
со главите на седиштата навалени.
Знам дека љубовта има километража
најчесто се дави во чавчиња ракија
стануваме пијани
легнуваме трезни
се тешиме дека тоа ни е судбина.
Што знам,
можеби секогаш е полесно да сме тука
да возиме некои сеќавања,
па да си речеме - Еј чекај
ќе си дојдам, намести постела.
...

Слушам, долго си стоела, гледајќи,
малку во подот,малку во уклучениот телевизор
на крајот од шанкот, малку повеќе во него.

Тој, демек загледан, демек потпрен на сон...

Слушам, долго си му молчела,
долго си го џвакала сѐ она што си сакала да му го кажеш,
Сè додека не изгубило вкус.

Тој, зачуден од шепотот кој го полазува...

Слушам, си попуштила, како мразулец свиснат на олук,
Неочекувано и гласно, си се распрснала на сите страни,
Си тргнала со сигурен чекор на тенок мраз.

Тој, слушам, со око не трепнал, сув од премногу мислење...

Во љубов се влегува со достоен противник,
во љубов се влегува храбро.
Шо има тука да се чека?!
Слушам, од љуБОФ никој не умрел.
Полека побрзај, слободно.

13 јануари 2014 - 18:09