уметнички проект

Во името на Отецот, Синот и светиот Лајк

Холандскиот уметник под псевдоним Дадара и неговите соработници велат дека „лајкот" е религија. Не, не метафорично. Ваистина.

Проектот се вика Like4Realи веќе има собрано 10,000 долари преку интернет платформата Indiengogo. На насловната на истоимениот сајт прво наидувате на хипнотична мандала, и на избор помеѓу сина и црвена капсула, што е веројатна асоцијација на сцената во првиот Матрикс, каде Морфеј му нуди на Нео избор од две апчиња: синото кое ќе му овозможи да продолжи да учествува во фабрикуваната илузијата на матриксот, а црвената ќе му помогне да се отараси од неа и да ја сознае вистинската реалност. Тука црвеното апче е поврзано со Likefesto, манифестот на „лајкистите", кој изразува загриженост околу тоа колку човечката емоција почнува да зависи од капитализмот и технологијата.

„Дали се уште ќе можеме да лајкаме ако Фејсбук некогаш исчезне? Што ако изворот на Бесконечните лајкови еден ден пресуши? Дали ќе банкротираме затоа што премногу сме вложиле во акумулирањето на лајкови? Дали општеството некогаш ќе погледне вон алгоритмите кои ја формираат душата на лајковите, и повторно ќе го откријат чинот на лајкување длабоко во нашите јаства? Или ќе нè фати паника и нема да знаеме како да изразиме ако нешто ни се допаѓа со само еден клик.."

Од една страна идејата е брилијантно хумористична, но и предупредувачка, па дури и апокалиптична. Нашата секојдневна ментална благосостојба почнува да зависи од ова „гребење за лајкови", од кликтивизмот, кое го третира допаѓањето како „ново злато", како стока која чека да биде искеширана, а не како нешто кое има емотивна или етичка вредност.

Ако сакате да видите колку длабоко оди „зајачката дупка" пробајте го ова на вашиот Фејсбук профил. Авторите на проектот планираат при крајот на месецов да направат перформанс во пустината Невада на традиционалниот фестивал Burning Man, и да запалат голем симбол на лајк на олтар, што треба да симболизира нешто како „убијте ги своите идоли".

Ќе кликнете ли лајк на статијава?

26 август 2013 - 13:17