Вистина воскресе: биолошки материјал создава нова музика по смртта на композиторот

Пред да почине во 2021, американскиот експериментален композитор Алвин Лусиер донирал крв за „Ревивификација“ - нова инсталација во Уметничката галерија на западна Австралија во Перт. Сега таа произведува негова новокомпонирана музика.

Американскиот композитор Алвин Лусиер е познат по своите експериментални дела кои ги истражуваат физичките својства на звукот. Во „Музика за соло изведувач“ од 1965, тој си закачи сензори на челото за да ги трансформира сопствените мозочни бранови во дело за перкусии. Во 1997, „Операта со предмети“ ги истражуваше можностите за создавање музика од секојдневни предмети како моливи. 

Лусиер почина во 2021 на возраст од 90 години. Но композиторот - или поточно сурогатот создаден од биолошкиот материјал земен од неговото тело - со негова дозвола сега создава нова музика. 

Во време кога сите се обидуваат преку вештачка интелигенција да го продолжат влијанието на некој славен уметник, група научници и уметници од Австралија враќаат еден починат композитор „во живот“ на различен начин: со тоа што реконструираат дел од неговиот мозок. Станува збор за „Ревивификација“ - нова уметничка инсталација во Уметничката галерија на западна Австралија во Перт. 

„Развивме повеќе или помалку мозок на тацна, кој има способност да дејствува во реалниот свет“, вели уметникот Нејтан Томпсон, член на тим во кој има и невронаучник. Станува збор за две мали, бели „грутчиња“ поставени на пиедестал во галеријата. Тоа е кластер неврони кој имитира базична структура и развој на човечкиот мозок, создаден од матични клети од крвта на композиторот. За да произведе нова музика, кластерот е поврзан со 20 рачно изработени плочи закачени на галериските ѕидови, како да се слики. Тие всушност содржат скриени трансдуктори (апарати кои конвертираат еден тип енергија во друг) и чеканчиња, кои реагираат на невралните сигнали кои ги испушта биолошкиот материјал во реално време, создавајќи звучен пејзаж. 

Тимот го смета ова за задгробно продолжување на уметничката визија на композиторот, но и за провокација за размислување за бесмртноста на уметниците. 

14 април 2025 - 08:11