Во моментов на Индигого е во тек акција за собирање 50,000 долари кои би го овозможиле овој проект на издавачот ПедијаПрес. Книгата која ќе ја содржи комплетната Википедија на англиски ќе биде претставена на изложба во тек на традиционалната годишна конференција Викиманија, која оваа година се одржува во Лондон.
Дали некој воопшто може да замисли колкава е Википедија? Токму ова бил главниот мотив за нејзино објавување на физички медиум. Освен тоа, издавачот на овој начин сака да им направи чест на сите оние кои на овој или на оној начин го овозможуваат постоењето на Википедија. Ако се сеќавате, во 2011 извесен Роб Метјуз отпечати на хартија само 0,01% од Википедија на англиски, односно само 437 статии, а сепак книгата имаше 5.000 страници. Е сега ќе има над милион.
Книгите ќе бидат во тврд повез и во црно-бел печат. Полицата на која ќе бидат изложени ќе биде долга 10 метри а висока 2,5. Секако, сето она што ќе биде објавено на хартија речиси веднаш ќе биде застарено, па во текот на изложбата ќе се визуелизира фреквенцијата на обновување на содржините со нивно печатење во живо..на хартија. Ако се соберат доволно пари изложбата може да гостува и во други градови.
Како што тоа го забележува Wired, има нешто „длабоко контраинтуитивно во врска со целиот проект", a со зголемувањето на јазот помеѓу печатеното и дигиталното издаваштво вредноста на ваквиот потфат би требало да се стави под знак прашање. Сепак, сите се согласуваат дека со оглед на големиот број „Википедијаши" тој на крај може и да се оствари.