Таблица која го објаснува вашиот светоглед

Едноставна шема преземена од играта Dungeons&Dragons стана вирален начин за категоризирање на луѓе, начини на седење или пакување леб. Луѓето едноставно сакаат некаков ред, дури и кога тој потенцијално може да создаде уште поголем хаос.

„Данџнс енд дрегонс“, за оние кои никогаш не ја играле, е прилично сложена друштвена игра, која си бара тим, и „мастер“ кој ја води нарацијата во која има куп детали кои можат да ја свртат приказната на една или на друга страна. Тоа е истата онаа која често ја играат Шелдон, Раџ, Ленард и Хауард во „Биг бенг тиори“, значи стереотипна игра за „нердови“.

Играта е прв пат објавена во 1974, а во верзијата на прирачникот за играта од 1977, постои шема за морална категоризација ликовите (тн. alignment), која обезбедува насоки според кои тие понатаму ќе донесуваат одлуки. Ова обезбедува извесна структура на играта, и спречува играчите (и ликовите) да се однесуваат како ќе им текне. Таблицата има девет полиња, вертикалните одат од добро, неутрално до лошо, а хоризонталните од законито, неутрално до хаотично (слика горе). Но некому неодамна му текна дека на истиот начин може да се категоризира сè и сешто, од членови на семејството, преку книжевни дела, ликови од филмови и серии (види долу за „Брејкинг бед“), до кандидати за пратеници. И ваквите постови на социјалните мрежи станаа вирални.

Подредување по оската на „доброто“ значи дека одреден лик клони кон алтруизам и лична жртва. Зло значи опасност и нанесување штета. Неутрална личност е онаа која нема да убие некого без причина, но исто така нема ни да заштити некого. Оската на законитоста означува чест, потчинување на авторитет и стабилност. Нo исто така може да значи тесноградост, слепо придржување до традиција и неприлагодливост. Хаосот може да имплицира слобода и флексибилност, но лошата страна е неодговорноста, отпорот кон какови да е авторитет и непромисленост.

Едно од „мемињата“ кое неодамна се појави на оваа тема прикажува, низ морална призма, што е најдобро да се користи како обележувач за книги. Лента е „законито добро“, парчиња хартија и сметки се хаотично добри. Користење на нормален обележувач е „вистински неутрално“, додека оставање на книгата отворена и свртена на лице (според авторот) е „неутрално зло“. 

Како и секоја можна категоризација и оваа со деветте полиња предизвикува жестоки дебати. Луѓе на Твитер се расправаат кој е најдобар начин за класификација на средовечни активни актери до методи на чистење лице. Тоа што во моментов таблицата доживува популарност веројатно се должи на амбиентот на носталгија по 80-тите, иако повеќето од оние кои ја постираат не знаат дека шемата потекнува од Данџнс енд дрегонс. Но има и друга причина - ваквите распределби прават некаков ред во збунувачки и конфликтни средини како онаа на интернет, без оглед што како нивен резултат хаосот може уште повеќе да се зголеми. Од друга страна, разбирачката со оние кои мислат исто како тебе е утешна. Ако ја има.

извор

9 март 2020 - 08:55