Анимиран „Малиот принц“ на Канскиот филмски фестивал

На овогодинешниот Кански фестивал, кој ќе се одржи од 13-24 мај, премиерно ќе се прикаже анимиран долгометражен филм направен според „Малиот принц" на Егзипери. Режисер - Марк Озборн, истиот од Кунг-фу панда.

Во нешто што барем според трејлерите изгледа како фина адаптација на која не ѝ недостасува мистериозноста и метафизичноста на книгата, гласовите ќе ги позајмат Џеф Бриџис, Џејмс Франко, Марион Котијар и Бенисио дел Торо.

Повеќеслојната анимирана приказна се врти околу девојче кое живее со напорна и амбициозна мајка, и има откачен но добродушен сосед, Авијатичарот (Бриџис), кој ја воведува во магичен свет кадешто сè е можно - свет во којшто тој самиот некогаш бил воведен од Малиот принц.

Опишана како „детска книга за возрасни", „Малиот принц" на Егзипери е продадена во 145 милиони примероци и преведена на дури 265 јазици, со што е една од најпреведуваните книги во светот. За неа многумина велат дека им го променила животот, а заради безвременската мудрост која ја содржи неа ја цитираат и деца и старци. Оттаму, очекувањата од овој филм се многу поголеми отколку од некој „обичен" цртан. Сепак и во него очекуваме најважното да не биде видливо со очи. 


22 април 2015 - 08:37