
Пол Ердош (1913-1996) бил влијателен унгарски математичар кој голем дел од својот живот го поминал пишувајќи научни статии со огромен број колеги - над 500. На овој начин тој објавил повеќе статии во текот на својот живот отколку било кој друг математичар во историјата - најмалку 1.525 (следен е Швајцарецот Леонард Ојлер од 18 век со 800). Го поминал животот без постојано работно место и дом - патувал со сето она што го поседувал, а било сместено во само два куфера. Ги посетувал, често неочекувано, своите соработници и останувал некое време да живее со нив. Со оглед на нивниот број, имал и каде да оди, насекаде низ светот.
Идејата за тн. Ердошов број потекнала од неговите пријатели-математичари, како оддавање почит на неговите постигнувања. Но подоцна ова послужило и како алатка која помага да се увиди како математичарите соработуваат меѓусебно за пронаоѓање одговори на неразрешени проблеми.
На следната илустрација е прикажано како се пресметува колаборативната блискост до Ердош, измерена преку авторство на математички статии во научни списанија - колку помала бројка, толку поголема блискост. На фотографијата погоре Ердош е со тогаш 10-годишниот Теренс Тао, денес професор на УКЛА и еден од најголемите математичари на денешнината, кој има Ердош број 2. Тој е добитник на Филдсовиот медал (еквивалент на Нобел во областа на математиката), а сите негови добитници имаат Ердош број некаде помеѓу 2 и 6, што значи дека врвните математичари соработуваат меѓусебно. Дознаваме дека и помеѓу македонски математичари има такви кои имаат ЕБ 3 (ако има некој понизок нека се јави).
Ердош број имаат и научници кои не се од областа на математиката, туку од физиката, хемијата, медицината и економијата (особено помеѓу Нобеловците). Така, Ајнштајн има Ердош број 2, број 3 имаат Ферми, Паули, Борн и Фејнман. Интересно е што такви примери има и помеѓу филозофите, на пример Џон Бурџис и Брајан Сирмс имаат Ердош број 2.
Ова се смета за дел од „фолклорот“ на математичарите, но како принцип се користи и во други области. На пример, во јапонската игра го, Шусакуовиот број опишува блискост до Хининбо Шусаку, најдобриот играч на своето време. Има и хумористични комбинации, на пример бројот на Бејкон (актерот Кевин Бејкон) комбиниран со овој на Ердош, или Ердош-Бејкон-Сабат број, збир од колаборативната оддалеченост на бендот Блек Сабат со претходните два. Физичарот Стивен Хокинг има ваков број, а тоа е 87.