Шест пати кога на Оскарите било нерешено

Во текот на 94-годишното постоење на Оскарите, само неколку пати се случило Академијата да даде еднаков број гласови во неколку категории. Еве ги тие необични моменти.

1. Најдобар актер (1932)

На петото доделување на Оскарите, правилата за гласање се разликувале од оние денешните. Доколку номинираниот освоел до три гласа помалку од победникот, тогаш тој исто така добивал награда. Актерот Фредрик Марч имал еден глас повеќе од конкурентот Валас Бери, но бидејќи тоа било премала разлика, Академијата ги наградила двајцата.

Марч го добил Оскарот за својата изведба во хорор филмот „Доктор Џекил и Мистер Хајд“, а Бери за „Шампионот“. Обајцата биле номинирани претходно, а Марч имал добиено и друг Оскар во 1947 за „Најдобрите години на нашите животи“, кој истовремено бил и најдобар филм таа година. Марч бил и првиот актер кој добил Оскар за улога во хорор.

2. Најдобар краток документарец (1950)

„Шанса за живот“, 18-минутен филм режиран од Џејмс Л. Шут во 1950 имал исто толку гласови колку и анимираниот „Толку многу за толку малку“. Филмот на Шут бил дел од серија вести, и се однесувал на свештеникот Џон Патрик Керол-Ејбинг кој организирал дом за момчиња без родители во Италија. Вториот, режиран од Чак Џонс (авторот на Душко Долгоушко) бил 10-минутен анимиран филм на тема проблеми со здравствениот систем во Америка. Останатите два во истата категорија биле француски филм под наслов „1848“ за Француската револуција, и канадски филм под наслов „Растечка плима“.

3. Најдобра актерка (1969)

Веројатно најпознатото „нерешено“ на Оскарите се случило во 1969, што било втор и последен пат да се дели актерска награда. Кога презентерката Ингрид Бергман го отворила ковертот, открила дека станува збор за споделена награда, помеѓу Барбара Стрејсенд, тогаш ново име на филмското платно и двократната добитничка на Оскар, Кетрин Хепбрн. Обете добиле 3030 гласови. Хепбрн не била присутна, па сите очи паднале на победничката од филмот „Смешна девојка“, која го привлекла вниманието, и со својата проѕирна тоалета и со говорот.

4. Најдобар документарец (1987)

Преносот на доделувањето на Оскарите од 30 март 1987 влегол во историјата со уште една нерешена ситуација, овој пат за најдобар документарец. Опра Винфри најавила дека наградата ќе ја поделат „Арти Шо: времето е се што имаш“, филм за познатиот кларинетист, и „Беда во Америка“, за ширењето на сиромаштијата во САД во 1980-тите. 

5. Најдобар краток филм (1995)

Истата година кога Том Хенкс доби Оскар за „Форест Гамп“, два кратки филма го поделија Оскарот - 23-минутната британска комедија „Прекрасниот живот на Франц Кафка“ и младинскиот ЛГБТ филм „Тревор“. Првиот бил режиран од ѕвездата на „Доктор Ху“, Питер Капалди, и го прикажувал Кафка како се мачи пишувајќи го расказот „Преобразба“. Тревор бил филм за 13-годишно геј момче кое се обидува да се убие, а го инспирирал Проектот Тревор, кој им помага на геј младинци во криза. 

6. Најдобра монтажа на звук (2013)

Последниот пат кога беше нерешно на Оскарите наградата ја поделија Zero Dark Thirty и Skyfall за најдобра монтажа на звук. На наградените не им било жал што ја делат честа, бидејќи со тоа што се исклучок автоматски влегуваат во колективната меморија која, особено за споредните категории, брзо се брише. 

извор

28 март 2022 - 17:58