Три секти од 19 век во САД - пантогамистите, шејкерите и мормоните - воделе војна против наводната себичност на моногамниот брак. Иако нивните стојалишта не биле идентични, сите сметале дека романтичната ексклузивност е грев, пречка за креирање на поуниверзална љубов пред сè кон заедницата.
Најрадикални во оваа смисла биле „шејкерите“ чијашто популарност во Америка била најголема меѓу 1820-1860. Главниот столб на нивниот социјален живот биле комуните, односно шејкерските села кои претставувале нивни семејства, без оглед дали вклучувале реални биолошки родители и роднини, или не. Секој имал духовни мајки, татковци, браќа и сестри, и сите живееле во хармонија, обожувајќи го Бога, работејќи трудољубиво за парчето леб, и водејќи заедничка војна против телесното, со тоа што апстинирале од секс.
Само во ова имало еден непријатен детал - ако самата заедница не се репродуцира, тоа значи и нејзин брз крај. Оттаму, главен извор на нови членови биле конвертитите, а до нив се доаѓало тешко. Главно се работело за бездомници или мигранти кои им се придружувале на Шејерите за кратки периоди, само колку да добијат бесплатна храна или дом во зимските месеци. Кога ќе дошла пролет, новите верници ја напуштале заедницата и не се враќале до следната зима. Веќе во 1860-тите бројот на Шејкерите бил во сериозно опаѓање. Денес само неколкумина се уште ја следат оваа верска традиција, која некогаш била најтипична за Охајо.
На трите спомнати секти на почетокот на текстот е посветена нова книга на Стивен Давенпорт, професор по американска историја на Универзитетот Пепердин, под наслов „Сексот и сектите“. Во неа тој ги анализира овие храбри експерименти, на полигамијата на мормоните, на целибатот на шејкерите и на тн. „комплексен брак“ на сектата Онеида (која го добила своето име според градот Онеида во државата Њујорк), која се обидувала да го замени духот на „јас“ со духот на „ние“, да форсира групни бракови и отворено меѓусебно критикување. Посесивноста и ексклузивните врски биле спротивни на верувањата на оваа група во слободна љубов, термин кој се смета дека го креирал токму основачот на оваа секта, Џон Хамфри Нојес, па оттаму и верниците понекогаш биле нарекувани „ноезијанци“.