„Бура во чаша јогурт“ гласи текст објавен на 25 јули 1978 во Вашингтон пост, а се однесува на шаховски меч за светски шампион одржан на Филипините. Во поглед на храната и пијалоците на шаховската табла во тек на петчасовните игри, Меѓународната шаховска федерација добила ултиматум од тимот на тогашниот шампион Карпов: тој смее да јаде само свежo, не и замрзнато, и не смее да јаде каква и да е друга храна (дури и јогурт) којa не е подготвенa од членови на неговата група.
Предизвикувачот Виктор Корчној се подготвувал за секоја игра со тоа што консумирал конзерва кавијар (ирански, не руски), а пред самата партија ставал грицки на масата. Кога се пожалил дека вкусот на овошниот јогурт кој би му се носел на Карпов би можел да има тајно значење и да го сугерира следниот потез, Федерацијата предложила секој играч да има фрижидер и рингла во соблекувалната, а да нарачува храна од ресторанот во текот на играта. Но оваа сугестија не била прифатлива за советската делегација, веројатно заради можноста некој да го отруе нивниот играч.
„Бурата во чаша јогурт“ почнала кога тимот на Корчној формално протестирал поради тоа што на Карпов на 24-тиот потез од втората игра на секој дотогашен натпревар му бил носен јогурт од боровници. Ова според нив можело да значи „веднаш понуди нерешено“, што и се случувало по неколку потези. Иако Корчној подоцна тврдел дека ова било зафрканција и начин да се деконцентрира противникот, Русите го сфатиле многу сериозно.
Веројатно во ваквиот пристап помогнал и необичниот состав на тимот на Карпов. Во него членувал доктор Зухар, кој бил добро познат хипнотизер. Додуша и кај Корчној работите не биле нешто подобри - тој во својата група имал маж и жена припадници на индијска секта кои го подучувале јога (фото горе), но кои претходно биле пуштени со кауција за убиство со умисла. Столиците на кои седеле играчите морале да бидат поминати на рентген, а имало и протести за непроѕирните наочари кои ги носел Корчној.
На крај резултатот бил 6-5 и 21 нерешни партии, а шампион станал Карпов. Не се знае дали прославил со овошен јогурт и со каков вкус.