Самопрогласениот крал на Германија

Петер Фицек е дел од радикално десничарско движење кое го одрекува постоењето на модерната германска држава. Рахјсбургерите - неговите поданици - имаат свој пасош и свои „ангелски“ пари. Колку и да звучи откачено, сето ова со години функционира, и покрај обидот на властите за растурање на „кралството“.

54-годишниот Петер Фицек е крал на Германија. Има репче и вилица на терорист од филмови од 1980-тите, а наликува и на карате инструктор, што всушност и бил пред да го заземе тронот. Како и други монарси, тој сака да му се обраќаат на име. Неговото кралство има свој пасош, валута и здравствен план, а во моментов вклучува околу 1,300 субјекти. Повеќето од нив до неодамна живееле во заедница во Витенберг, југозападно од Берлин. Тој, секако, има (или барем до скоро имал) и придружничка - жена која таблоидите ја нарекуваат „кралица“: Анет Улман, манекенка и некогашна келнерка (на сликата подолу).

Kога се среќава со новинари, Петер со себе носи папка документи кои го поддржуваат неговото кралствување. Додуше верзијата за новинарите е помала од речиси едно метро високото купче хартии кое постојано го влече по судови, каде често се наоѓа поради различни прекршоци, на пример брзо возење или незаконско поседување нунчаки. Ги снима своите разговори со новинарите, откако некои комичари го начекале во хотелско лоби и го снимале како се расправа со нив, што завршило со тепачка. Неговиот микрофон има налепница кој вели дека тој е во сопственост на негов следбеник, за германските даночни власти да не можат да го конфискуваат како дел од можна компензација на некогашни лојални поданици, кои го обвинуваат дека ги измамил за 1,3 милиони евра.

Новинарите всушност и немаат многу работа со него, затоа што откако еднаш ќе почне да зборува тој не може да престане. Раскажува за тоа како излекувал поранешна девојка која била малтретирана од сатанисти како дете, користејќи ги само сопствените раце. Како светските елити, кои ги вклучуваат Рокфелерите и ортодоксните Евреи, шират Ковид-19 за да ги зголемат профитите од дрога и да ги натераат Германците да прифатат имплантирани чипови. Како некој снајпер му пукал во колата на автопат, но божествена интервенција направила куршумот само да ја цимне шофершајбната, итн.

Поданиците на крал Петер се поддржувачи на движењето Рајхсбургер, чии членови веруваат дека Германија не постои. Државата, велат тие, е само компанија со ограничена одговорност, контролирана од сојузниците во Втората светска војна и од Ротшилдови. Рајхбургерите печатат сопствени пасоши, често одбиваат да плаќаат даноци и ги затрупуваат судниците со документи.

Слично како и нивните американски „колеги“ од движењето QAnon, радикалните десничари кои имаат теорија за „дип стејт“ заговор против Доналд Трамп, Рајхбургерите се индоктринирани од нискобуџетни јутјуб емисии кои тврдат дека масоните, луѓето-крокодили и култови кои жртвуваат деца почнуваат да доминираат со Германија. Во културно-забавниот дел пуштаат Рајхсбургер хип-хоп. Во 2018 германското разузнавање идентификувало околу 19,000 нивни членови, речиси двојно од претходните две години. Сепак, вистинската бројка веројатно била многу поголема.

Во сторија на Блумберг посветена на ликот и делото на крал Петер се изнесуваат детали од неговиот претходен живот. Дека бил необразован „оси“ (Источно-Германец) од семејство со татко алкохоличар, осамен интроверт, кој работел како готвач и во видео клуб пред некој инвеститор од „богатиот Запад“ да го убеди заедно да вложат во бизнис со машини за коцкање. Но „пријателот“ набргу го извисил и му го презел бизнисот, а Петер останал и сам, откако жената го напуштила со двете деца.

Во раните 2000-ти Петер почнал да чита. Езотерични текстови, црна магија, но и правни книги кои му ги отвориле очите по повеќе прашања. А најмногу по она суштинското - дека Германија не е легитимна држава.

Сепак, Петер не е првиот Рајхсбургер. Тоа бил Волфганг Ебел, источно-германски транзитен работник. Во 1985 тој ја известил амбасадата на САД дека некој американски дипломат му доверил голема тајна - бидејќи сојузниците и Германија никогаш не потпишале формален мировен договор по Втората светска војна, германскиот устав од 1919 бил се уште важечки. Ебел се прогласил за премиер на вистинската држава, а разузнавачите по долготрајно следење заклучиле дека „неговите активности покажуваат знаци на ментална болест“.

Со падот на Ѕидот ставовите на Ебел почнале да се шират. Нивното метастазирање се забрзало со подемот на интернет и финансиските кризи кои ја погодиле Германија. Се повеќе мажи над 40 години почнале да се појавуваат во продавницата во центарот на Витенберг каде Петер продавал езотерични книги и промовирал гледиште дека е можна алтернативна власт. Нудел членски картички за 120 евра годишно и почнал да собира „инвестиции“ односно доброволни прилози, кои изнесувале 61,000 евра до крајот на 2008.

И тоа не е сè. Тој вовел тн. Енгелгелд, или „ангелски пари“, банкноти кои ги дизајнирал така за да личат на евра, а вклучувале и вредност од седум, број којшто тој сметал дека има магиско значење.

Следело прогласување на Ној Дочланд или Нова Германија, а по агресивните настапи на јутјуб против постоечките институции, Петер почнал да собира уште поголеми донации. Во 2011 тие изнесувале речиси милион евра. Со овие пари купувал имот, реновирал фабрика, а одржувал и семинари за „личен развој“ од кои собирал дополнителни средства. Меѓу оние кои се пријавувале на нив имало осаменици, самохрани мајки, неколку црни Германци, но и докажани професионалци, кои од љубопитност или досада одлучиле да ја следат приказната. Една од пораките во обраќањата на Петер и неговите најжестоки следбеници кон членовите било тоа заедницата и физички да се групира во Витенберг, за да може да дојде до реално заземање територија.

За да покаже вистинска решеност во остварувањето на овој план на 16 септември 2012 Петер организирал сопствено крунисување. Од звучниците трештел Вагнер („Така зборуваше Заратустра“), а Петер во очите на своите субјекти станал првиот крал крунисан на германска почва од Вилхелм Втори во 1888.

Финтата успеала. Откако весникот Мителдојче Цајтунг известил за овој настан, германските новинари го запоседнал Витенберг. Петер уживал во вниманието, и почнал да се вози низ гратчето со БМВ со кралска регистрација, без да ги почитува сообраќајните правила. Своите заштеди ги претворил во формална институција наречена Кениглише (кралска) Рајхсбанк, која во 2013 поседувала 2,3 милиони евра од околу 500 инвеститори. Почнал и бизнис со осигурителна компанија и други помали дејности.

Секако, властите се заинтересирале, особено затоа што Петер немал поднесено никакво официјално барање и потребни документи за основање на банката. Кога лично дошле да му ги достават формуларите, тој ги искинал и потоа ја пресекол црвената лента за свеченото отварање. Ништо од сето ова не ги спречило штедачите да му ги доверат своите влогови.

Во 2013 германските финансиски власти ги забранила неговите банкарски активности и наредила исплата на штедачите. Ова за Петер бил уште еден знак дека германската држава се плаши од него. Таа пак - државата - влегла во банката со специјални единици додека тој свирел во ходникот на пијано. Сите сефови ги нашле празни, а иако употребиле посебни дигалки за да го кренат мермерниот под, и таму не нашле ништо. Парите никогаш не биле пронајдени, а Петер бил осуден на (само) три години и осум месеци. Кралот на Нова Германија сепак завршил во затвор во старата. Следело и присилно бркање на десетици граѓани од двете „кралски населби“, нешто што не поминало без отпор од субјектите. Во меѓувреме во затвор Петер медитирал, и напишал две книги, „магична автобиографија“ и трактат за спој на духовноста и науката. Во 2018 бил ослободен бидејќи поголемиот дел од парите всушност биле донации, а некои од оние кои вложиле пари изјавиле дека никогаш и не очекувале да им бидат вратени.

Денес тој живее во Витенберг и повторно се обидува да си го консолидира кралството. Тој и неговата пријателка одржуваат семинари и часови јога и соработуваат со повеќе од 70 компании да станат дел од кралството за одреден годишен надомест. Продава и некој вид е-валута, како и крпи со знак на кралството која кошта 27 е-марки. Рајхсбургер манијата во Германија продолжува, а берлинската полиција постојано запленува „пасоши“ кои се продаваат по 100 евра парче. Иако моменталното членство во кралството е само 1,300 души не може точно да се процени какво влијание има(ло) тоа врз ширење на радикално десничарската идеологија низ Германија и формирање на повеќе помали движења на истомисленици.

извор