Во „Објави или пропадни: хумористична игра за академското издаваштво“ (2025) сте прилично изгубен истражувач, чија единствена цел е да произведува што повеќе трудови, и тоа што побрзо - во спротивно ризикувате да го загубите работното место или во најмала рака да не ве изберат во повисоко звање. Не е важно дали тие имаат смисла. Напротив, честопати објавувате глупости со наслови што звучат како (во најдобар случај) истражувања за Иг Нобел или како „пренк“ кој треба да разоткрие отсуство на контрола во предаторските списанија. Темите варираат од „Суптилната уметност на сарказмот во службени мејлови“, преку „Квантна теорија на тоа каде последен пат сте ги оставиле клучевите“, до „Вампирски нутриционизам - исхрана базирана на крвни групи“. Но, токму тука е поентата: играта ја исмејува „сериозноста“ на системот во кој количеството често значи повеќе од квалитетот.
За да напредувате, собирате карти што претставуваат идеи, податоци, теории и референци – односно сè што ви треба за да склопите научен труд. Но, не сте сами. Вашите колеги (односно другите играчи) со задоволство ќе ви подметнат ревизии, ќе ви најдат грешка во цитирање или ќе ве потсетат дека вашата револуционерна идеја веќе постои од 1973-та.

Ако тоа не е доволно, секогаш можете да возвратите со истата мера. Играта ве охрабрува да саботирате, да давате бескорисни коментари во стилот на озлогласениот „рецензент 2“, па дури и да користите сомнителни практики како плагијат или статистички трикови. Сè е дозволено - сè додека носи цитати.
Сепак, има и моменти на „доблест“: соработка, работилници и академско вмрежување. Но тие се краткотрајни, бидејќи вистинската валута на играта е пасивно-агресивната критика и прикриената конкуренција. На крајот, секој мора да го одбрани својот „научен придонес“ - односно да ја претстави апсурдната работа што ја создал - а најубедливиот добива уште неколку вредни цитати.
Зад оваа духовита, но болна точна симулација стои социјалниот психолог, д-р Макс Бај, кој сакал да им понуди на истражувачите нешто повеќе од забава, еден вид колективна терапија. Во време кога академскиот притисок глобално, а и кај нас воочи изгласувањето на новиот Закон за високо, убаво е малку да се насмееме - макар и кисело.
Авторот ја финансираше играта со онлајн донации, а може да се купи тука (не испраќаат во Македонија, па ќе мора да измалтретирате пријател во друга земја).