„Читаниот Пруст“ е долгогодишен проект на Вероник Абу (Véronique Aubouy) започнат во 1993. Тој во моментов се состои од 150 часа снимен материјал, во кој учесниците читаат по две страници од славниот роман на Пруст, „Во потрага по загубеното време“. Со вакво темпо, се очекува дека над 7000-те страници ќе бидат прочитани до 2050. На Пруст му требало пократко време да ја напише книгата, „само“ 14 години, а ја завршил во 1922, кратко време пред својата смрт.
Со оглед на содржината која главно се состои од интроспекции за животниот пат на авторот, спомени и сетилни впечатоци, таа е тешка за филмување. Оттаму авторката одлучила да го пренесе текстот преку ангажирање интересни луѓе од целиот свет кои пак препорачуваат свои пријатели, па на тој начин целиот проект личи на локомотива, при што секој нов учесник додава нов „вагон“.
Некои читаат лежејќи на кревети на спрат, други стоејќи во морето, трети во штала. Има и снимки од самото место - Комбре - на кое се однесува романот. Нивните акценти и способност за интерпретација се различни, од потеатрални до „обични“. Снимањето продолжило и во текот на пандемијата, кога содржината на книгата добива уште еден аспект, со оглед на носталгијата и изолираноста што таа ги предизвикува.
Интересно е дека таткото на Марсел, Адриен Пруст, бил епидемиолог кој учествувал во намалувањето на последиците на колерата од 1869, со тоа што предложил санитарен кордон за да се спречи нејзиното ширење. Самиот Марсел бил прилично параноичен во врска со бактерии, и тоа е очигледно во четвртиот том, каде раскажува за својот страв од контакт со човек кој постојано кашлал.
Официјалниот сајт на проектот (со снимки од читањата) тука