„Исклучете се од интернет на еден ден, и сликајте, пејте, пишувајте, снимајте, фотографирајте. Следниот ден испратете ни го она што сте го сработиле", отприлика гласеше нивниот предизвик, на кој многумина од нас не би се нафатиле, освен во ситуација кога ни е паднат серверот или нема струја.
Мисијата на проектот е всушност да се докаже дека и покрај неверојатниот развој на технологијата, заситеноста од информации и недостатокот на оригиналност, луѓето сè уште можат да создадат нешто прекрасно и автентично, и тоа потоа да го споделат со остатокот од светот.
На Фејсбук страницата веќе се постираат резултатите од „настанот" - некој вежбал јога на раб на мост, некој правел колачи, некој не правел ништо посебно, само уживал. Ова нека ни биде потсетник, почесто да се частиме со исклучување, во текот на кое ќе направиме нешто фино во (што би рекол нашиот компјутерџија) „физичкиот" свет.