По смртта на Џони Халидеј

Приказната за „францускиот Елвис“

Рок ѕвездата Џони Халидеј (или Алидè, како што се изговара на француски), кој почина на возраст од 74 години од рак на бели дробови, е најуспешниот музичар во историјата на Франција. И покрај феноменалниот успех во својата земја, малкумина го знаеа вон неа.

32 број еден албуми. Над 100 милиони продадени плочи. 9.5 милиони телевизиски гледачи на преносот од неговиот концерт на Ајфеловата кула. 34 филмови. 4 жени. Во Франција го нарекуваа „нашиот Џони“(со акцент на и), но во Америка беше опишуван како „најголемата рок ѕвезда за која никој не слушнал“.

Под влијание на Елвис, Халидеј во 1950-тите раскрстил со традицијата на шансоната, и почнал да пее рокенрол на француски, нешто што до тогаш било незамисливо. Заради сексуалната харизма и дивиот начин на живот тој долго време бил сметан за опасност за јавниот морал. Кога свирел на фестивал во 1961 поттикнал таков бунт и хаос што следните неколку месеци биле забранети сите рокенрол концерти.

Вистинското име му било Жан-Филип Смет. Татко му бил белгиски актер, а мајка му манекенка. Но тој како бебе бил напуштен од родителите и пораснат од тетка му, чии две ќерки биле балерини. Кога таа добила работа во Лондон, семејството се преселило во Британија. Таму неговата братучетка Деста се заљубила во американски „каубој“ по име Ли Халидеј, кој го научил Жан-Филип да свири на гитара, па oд него подоцна го презел презимето.

Животот на момчето се променил откако го видел филмот на Присли од 1957, Loving You. Само две години подоцна потпишал договор за снимање - неговиот дебитански сингл Laisse les Filles и следниот Souvenir, Souvenirs го претвориле во тинејџерски идол, а набргу станал најплатената музичка ѕвезда во Франција.

И покрај подемите и падовите во неговата кариера, тој постојано преживувал, адаптирајќи го стилот и вклучувајќи психоделија и други музички влијанија за да не каска зад она што се случува на глобалната сцена. Се обидел дури и со рок опера, и тоа ни помалку ни повеќе туку со Хамлет, што се покажало како еден од неговите ретки неуспеси. Сепак, за негов врв се сметаат блузерските и кантри песните од 1970-тите.

Вон сцената неговиот турбулентен приватен живот ја фасцинирала француската публика. Бил зависник од кокаин, имал хронични даночни проблеми, како и една тешка сообраќајка со мотор. Два пати се обидел да се самоубие. Се женел четири пати, а една од неговите сопруги била позната актерка Силви Вартан. Во 2009 неговите фанови веќе еднаш го прежалија, откако почнаа да кружат гласини дека умрел на операциона маса - всушност тоа и не било далеку од вистината бидејќи поради тешка инфекција паднал во кома. Ни крив ни должен, хирургот кој го оперирал бил нападнат од гневни фанови во Париз.

Во 1997 неговиот придонес кон француската култура бил валоризиран од претседателот Ширак, кој му доделил Орден на честа. Иако најпрвин бил фрустриран што не е препознаен како ѕвезда и надвор од матичната земја, во последно време уживал во анонимноста во Лос Анѓелес, каде соседи му биле Том Хенкс и Бен Афлек.

Еве го пред десет години на француска телевизија, во дует со Селин Дион, ја пеат Блубери Хил

 

6 декември 2017 - 18:16