Пред неколку денови беше објавено дека денес, 18 декември во 20 часот во Клуб ресторанот на МКЦ ќе биде промовирана поемата „Пресуда" од Џабир Дерала со илустрации на Мирослав Стојановиќ-Шуки во издание на Блесок, издавачката куќа на Игор Исаковски.
Но Бог понекогаш сака да им се потсмее на човечките планови. Наместо вечерва Игор да промовира книга на драги пријатели, тие ќе му оддадат почит со вечер посветена нему и на неговото творештво.
Ова е веројатно неговата последна објавена песна, која беше прочитана вчера, на почетокот на промоцијата на Борис Дежуловиќ, наместо едноминутно молчење. Затоа што поетскиот збор е жив и по смртта на поетот.
НОЌТА Е ПОБАВНА
понекогаш, ноќта е побавна
од сите мисли: часовите
се прпелаат низ пеплишта
од спомени, мислите брзаат
кон некој секогаш конечен
крај. не доаѓа разрешницата:
ноќта е побавна од сите
мисли, понекогаш. стежнува
со сета своја тишина
додека мислите во тебе
водат епска битка
со сите гласови
кои се преклопуваат
како измешани шини
од пијани колосеци...
побавна е ноќта
од сите омајувања
кои ги пикаш во себе,
од сите солзи кои којзнае од каде
навираат, небаре само чекале
ноќта малку да забави –
мислиш на мириси, си пееш
бавни песни, додека умот
ти лета низ оние пијани
перони, врз сите оние
налудничаво измешани шини...
– те заболува неочекуваниот
возен ред на сопствените мисли
па бараш лекови, противотрови:
посакуваш дожд, широк булевар,
лице кренато кон небото, јазик
пружен кон дождот, отсуство
на луѓе, отсуство во кое
никој нема да те побара.
побавна е ноќта
од сите твои здивови, знаеш...
сеедно, се обидуваш
да дишеш со полни гради
додека чемерот и копнежот
татнат низ тебе ко товарни возови.
па се смееш. најчисто и најсамотно
се смееш; низ вилицата ти баботат
вагони од прастара
луда железница.
капките се дожд.
14.11.2014, 02:48
Amazing Grace, една од песните која одеше вчера на погребот. Нека му го осветли патот.