Предлог Оскарот за најдобар дизајн на каскадерски сцени да се вика „Том Круз“

Академијата за филмски уметности и науки објави дека од 2027 ќе почне да доделува Оскар за најдобар каскадерски дизајн. Веднаш тргнаа предлози за нејзиното име. 

Почнувајќи од 2027, годината кога ќе се одбележи 100 годишнината од доделувањето на Оскарите, ќе биде воведена категорија „најдобар каскадерски дизајн“. Ова следи по воведувањето нова категорија во 2024, достигнувања во областа на кастингот. 

„Од раните денови на филмот, дизајнот на опасни сцени е интегрален дел од правењето филмови“, изјавија извршниот директор на Филмската академија, Бил Кремер и претседателката на истата, Џенет Јанг. „Горди сме што ќе можеме да ја наградиме иновативната работа на овие технички и креативни уметници и да им честитаме за нивното залагање“. 

Фановите беа брзи во именувањето на новата награда „Том Круз“, во често на феноменалните каскадерски сцени на овој актер во серијата филмови „Невозможна мисија“. 

Повеќе од 100 каскадери-професионалци се членови на огранокот на Академијата за продукција и технологија, и тие веќе подолго време водеа кампања за посебен Оскар кој би ги промовирал нивните вештини. Ова доби поддршка минатата година од Рајан Гослин, откако тој ја играше улогата на каскадерот Колт Сиверс во Τhe Fall Guy.  

14 април 2025 - 16:56